За жал се потврдија повеќемесечните стравувања како и наши укажувања во однос на евроинтеграциите на Македонија, дека земјата ризикува да не добие датум почеток на преговори. Не само заради спорот со името туку и заради катастрофалното ниско ниво на реформи, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ во врска со документот на Франција и Холандија.

– Укажувавме дека реформи нема во клучните области, како владеење на правото, борба против организиран криминал и корупција, реформи во администрацијата, економски реформи како и реформи во клучните области како здравство, труд и социјала, образование и екологија. Тоа јасно беше посочено во извештајот на Европската комисија за Македонија, кој иако беше позитивен, имаше јасна критика во делот на реформи. Јасно укажувавме дека реформи нема, а дека причината поради која Македонија доби позитивен извештај се исклучиво политичките критериуми. Тие се доволни за Комисијата да препорача почеток на преговори, но се недоволни земјите членки да прифатат почеток на преговори затоа што бараат реални реформи, бараат граѓаните на Македонија да живеат според европските, а не според африкански стандарди и јасно кажаа дека неподготвени земји веќе нема да се примаат во ЕУ, рече денеска Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Затоа, како што истакна, не треба да не чуди што влијателни земји како Франција, Холандија, Данска составуваат „нон пејпр“ во кој се спротивставуваат на давањето датум за почеток на преговори на Македонија во јуни.

– Овие земји се пријатели, а не непријатели на Македонија. Тие само го констатираат она што Европската комисија претходно го напиша, а владата не сакаше да го прочита, нешто за што и не ни треба извештај од ЕУ за да го видиме. Граѓаните тоа секојдневно го чувствуваат. Знаат добро дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне, криминал и рекет има на секој ќош, корупцијата цвета и има неформален брак помеѓу власта и нереформираното судство каде власта на Заев ги пишува, а судот ги објавува политичките пресуди. Знаат граѓаните и за министрите кои работат од 10 до 2 и директорите од 12 до 2, а остатокот од времето го трошат или по кафеани или во подготовка на криминални зделки, рече Николоски.

Тој нагласи дека затоа не треба да не чуди што ЕК напиша, а земјите членки во својот „нон пејпер“ потврдија каква катастрофална политика води Владата на Заев.

– Таму пишува “За Македонија, и покрај вистинските промени во општата атмосфера во земјата, извештајот не покажува јасен суштински напредок во спроведувањето на Итните реформски приоритети. Имплементацијата на новите судски реформи е “тукушто започната“ и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација. Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно да се справат со корупцијата има покажано структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои што е и политичкото мешање”, потенцира Николоски.

Тој нагласи дека распродавањето на националните, при што Заев може да прифати и најсрамен и најпонижувачки договор во однос на спорот кој што го имаме со Грција, но тоа нема да му ја покрие неработата и корупцијата затоа што таа се гледа и Македонија нема да добие датум за почеток на преговори со ЕУ.

– Заев може да ја нареди во судот па да добие ослободителна и сите да ги убедува дека тоа што го слушнале и виделе не е така, но не може во истото да ги убеди Франција, Холандија и Данска како и другите земји членки на ЕУ, рече Николоски.

Тој повика веднаш Владата да преземе одговорност и оставки да си поднесат клучните луѓе во министрствата за надворешни Димитров, евроинтеграции Османи, внатрешни работи Спасовски, финансии Тевдовски, економија Бектеши, здравство Филипче и труд и социјала Царовска.