Зоран Заев срамниот и штетен договор за името сака да го покрие со продолжување на политичкиот терор, реагира ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашната одлука за прифаќање на обвиненителниот акт од Кривичниот суд за судење за тероризам на истакнати уметници, политичари и други лица за тероризам.

– Теророт и политичките хајки имаат за задача да донесат страв и да ја дефокусираат трговијата со државните и национални интереси. Македонија е држава каде премиерот додека прифаќа и договара промена на име и идентитет, пратеници од опозицијата се обвинуваат за тероризам, познати уметници, актер, оперски пејач се прикажуваат за терористи. Правосудството уште еднаш покажа дека е алатка на власта. Одлуката на Кривичниот совет при Кривичниот суд за прифаќање на обвинителниот акт, не е базирана на правна аргументација, туку на политичка присила, реагира ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението на најголемата опозициска партија се вели дека обвинението против десетината патриоти е еден од многуте процеси со политичка заднина и една од причините поради кои видни земји членки на ЕУ во нон пејперот јасно укажуваат дека во Република Македонија има партизирано судство.

– Партизираното судство е главната одлика на заробената држава. Картелот на власт на чело со Коте Заев го користи партизираното судство за пресметка и заплашување на неговите политички неистомисленици и против секој еден граѓанин кој сака да се спротивстави на антидржавните политики на оваа влада. Обвиненијата за тероризам на пратеници и уметници е политичка нарачка на Коте Заев за внесување страв и дефокусирање од промената на името, се вели во реакцијата.

Опозициската партија додава дека политичкиот прогон е видлив уште од самиот почеток на процесот, кога спротивно на сите правни процедури беа лишени од слобода, факт кој беше констатиран и од Народниот Правобранител и Комесарот за човекови права на Советот на Европа.

– Република Македонија ги живее најцрните денови на правосудството од 1949 година навака. Правосудството мора да стане елемент за заштита на граѓаните, а не алатка во рацете на власта. Република Македонија мора да стане правна држава. Коте Заев и СДСМ мора да си заминат од власт, за Македонија да победи, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.