„Во интерес на јавноста најостро реагираме на целосно шпекулативните информации и невистинити тврдења дека министерот за култура Зоран Љутков потрошил над 50.000 евра за патувања. Потенцираме, потрошените средства за Јапонија кои се споменуваат изнесуваат точно 3.485.080 денари и не се искористени за бројна делегација од Министерството за култура и туризам како што СДС сакаат да прикажат туку наменети се исклучиво за патните трошоци, билети, сместување и дневници за уметниците од НУ Ансамбл Танец“, велат од ВМРО-ДПМН.
Сите службени патувања на министерот Љутков и вработените во МКТ, додаваат, се реализирани со јасна културна и дипломатска агенда.
„Секој трошок е транспарентно објавен и достапен за јавноста. Обидите да се проблематизираат службено оправданите патувања, се класичен пример на сензационализам и манипулација. Сакаме да потенцираме дека патувањето во Јапонија, кое тенденциозно се споменува, е дел од официјална програма за меѓународна културна презентација на државата и е во духот на историскиот Договор за соработка кој беше потпишан минатата година со оваа држава. Единствен критериум при изборот на програмата за Експо Осака е квалитетот! Овој пат наместо препарираниот рис и орел кои беа едни од главните содржини на Експо Дубаи 2021 кога тие владееја , пред јапонската и светската јавност ги нудиме нашите амбасадори, Танец, Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Василевски-Четкар! Наместо да го поздравиме видливото присуство на нашата држава на овој настан, СДС најбезочно ги омаловажува уметниците, и ја извртува вистината“, пишува во реакцијата.
Злонамерни и лажни се и обвинувањата на СДС за повластување на шоферот на министерот за кабинетски службеник, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата од СДСМ.
„Возач на министерот е лице определено од Службата за општи и заеднички работи и не е кабинетски службеник. Именување на претседател на УО на Македонската Опера и Балет е лице кое е вработено во МКТ но не е кабинетски службеник на министерот за култура и туризам, туку е професионалец кој работи во МКТ 15 години. Да не се навраќаме на потрошените буџетски средства на претходната ваша министерка и на вашите директори кои во исто време беа и директори и селектори и членови на комисии во Министерството за култура“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, сите овие обвинувања се само конструкции и злонамерен обид да се прикријат седумте катастрофални години на владеење на СДС, особено, како што велат, душманскиот однос кон македонската култура.
„Ако е и од СДС партијата која брусеше шахти, го продаде македонскиот идентитет и безочно го понижуваше македонскиот граѓанин на сметка на туѓи интереси – премногу е. На актерката Катерина Илиевска и посакуваме својот талент на интерпретација да го насочи кон театарските сцени, а од СДС очекуваме јавно извинување за искажаните небулози и дезинформации. Доколку тоа не се случи, Министерството ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед и на угледот на своите претставници“, велат од таму.