Во буџетот на Министерството за животна средина недостасуваат 645 илјади евра, а не 645 милиони, објасни денеска новата министерка за животна средина Каја Шукова, а пренесува Алсат. Овие средства недостигаат бидејќи дел од компаниите кои аплицирале за интегрирани А дозволи, не ги извршиле плаќањата. Министерката вели дека во новиот Закон за индустриски емисии е предвидено сè додека операторот навреме не го исплати годишниот надоместок, ќе нема дозвола и ќе мора да престане со работа.
Министерката планира да продолжи со реализација на проектите на кои работеше нејзиниот претходник Насер Нуредини. Фокусот ќе биде ставен на управувањето со отпадот, при што рече дека најдоцна за еден месец ќе биде распишан тендер за набавка на околу 7 илјади контејнери за селекција на отпад кои ќе бидат дистрибуирани до сите општини низ државата. Ќе се набавуваат со парите собрани од продажбата на биоразградливи најлонски ќеси. Со пари од истиот извор се планира да се финансира и кампања за зголемување на свеста кај граѓаните.