Народот и премиерот Димитар Ковачевски, кој минативе месеци во повеќе наврати беше сликан со ќебапчиња, тост сендвичи и друго, од утре ќе јадат урда и шпагети со смрзнати цени, откако тоа е направено со лебот.

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) деновиве ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со одлуките на Владата за намалување на цените на тестенините и млечните производи, кои од утре веќе и официјално стапуваат во сила, велат од ДПИ и посочуваат дека трговците досега требало да ги усогласат цените според одлуките на Владата.

-Станува збор за искусни професионалци, со долгогодишно работно искуство во сферата на пазарната инспекција, што значи дека сме апсолутно подготвени да се соочиме и со овој предизвик, велат од ДПИ.

Ќе се контролираат цените на производите кои ги опфаќаат одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало (Службен весник на РСМ бр. 52/2023), односно: тестенини неварени, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети) чија највисока цена на овие производи од ставот се утврдува на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 15 проценти, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урда, кравјo бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан), кисело млеко, павлака и јогурт, без додатоци. Највисоките цени на овие млечни производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март годинава, во трговијата на мало, и се намалуваат за 10 проценти.

Во случај да се утврди прекршување на одлуките, велат од ДПИ, ќе следат казни кои произлегуваат од тој Закон. Казните се од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.

– Напоменуваме дека Државниот пазарен инспекторат ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту, пак, да влијае врз формирање на цените во трговијата на големо и трговијата на мало. Апелираме да се почитуваат одлуките, а исто така ги повикуваме граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во Пазарниот инспекторат. Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа се донесени овие одлуки, за да се помогне во време на економска криза која се уште постои и да се спречи личното профитерство и злоупотреба, велат од ДПИ.

Премиерот Ковачевски, по смрзнувањето на цената на лебот, се појави во маркетите да пазари леб за 33 денари, сега останува да се види дали истото ќе го стори и со урдата и тестенините.