По ќебапчињата во Гостивар, тостот на Широк Сокак во Битола и мартаделата во РЕК, премиерот Димитар Ковачевски беше на ручек со студентите во студентскиот дом Гоце Делчев каде ручал гравче.

Ковачевски објави видео на Фејсбук со кое порача дека студентите се иднината на оваа држава.

– Тие секогаш ќе имаат право да го искажат своето мислење, да бидат дел од процесот и да учествуваат во носењето на одлуките кои ги засегаат нив. Ние сме тука да ги слушнеме нивните ставови, да разговараме со нив и да носиме заеднички политики за подобрување на нивниот стандард, вели Ковачевски.

Тој вели дека додека е премиер ќе се слуша гласот на студентите. Сигурно не мисли нивниот глас да се слуша на протести, како деновиве.

– Студентите ќе бидат дел од процесот. Бидејќи студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови, конструктивно, а ние треба да сме тука да ги слушаме тие ставови – да разговараме и да превземаме мерки за подобрување на нивниот стандард. Бидејќи тие се иднината на оваа држава. И одлуките кои што јас ги носев, тие мачни одлуки за кои што ви зборував, тие одлуки ги носев за идните генерации. А идните генерации на оваа држава се токму тие студенти што седат кои што сега седат во клупите на сите универзитети во државата. Студентите никој не може да ги тргне од мене. И реков дека никој нема да биде оставен сам и никој не е оставен сам, вели Ковачевски.

Ковачевски проба од студентското гравче во студентска менза и ако ова не е популизам, тогаш би требало да им го возврати гостопримството студентите да пробаат од октоподите, бифтеците, апетисаните… во владините ресторани.

Видеото може да го отворите ТУКА.

(Д. Г.)