Неколку илјади Бугари ги блокираа главните сообраќајници и гранични премини кон Турција и кон Грција протестирајќи поради зголемените цени на горивата што е нов удар за нискиот животен стандард во најсиромашната држава од Европската унија. Полицијата соопшти дека се приведени четири лица.
Демонстрантите неколку часа го блокираа сообраќајот на разни делови од автопатишта во Тракија и во Хемус по што беа растерани од полицијата, само еден ден по слични протести во Франција.
Беше блокиран и автопатот Марица што води кон премините Капитан Андреево и Лесовона на границата со Турција. Кога демонстрантите пробија кордон што требаше да оневозможи блокади, почнаа тензии, јави Бугарското радио.
Во Софија протестираа над 2.000 луѓе извикувајќи „мафија“ и „Оставка“ . Блокиран е пристапот до граничниот премин Кулата со Грција. Распоредени се преку 2.000 полицајци.
Такви протести се планирани и за утре во големите градови.