Плановите во центарот на Прага повторно да се постави барокен столб со позлатена статуа на Дева Марија на врвот предизвикаа верски контроверзии во Чешка, европска земја со најмалку религиозни граѓани, пишува Индекс.хр.

Неколку католици и ентузијасти историчари се надеваат дека ќе подигнат реплика на изворниот споменик, подигнат во 1650 и урнат во 1918 година, на неговата изворна локација – Староместски намести, централниот плоштад во прашкиот стар град.

– Оној ден кога ќе се постави споменикот, ќе знаеме дека дошло до помирување, вели скулпторот Петр Вана, автор на репликата.

Кусо време по падот на комунизмот во 1989 година, локалните католици и неколку историчари основаа Сојуз за обнова на споменикот на Марија. Вана беше избран за автор и следните 20 години работеше на проектот.

На изворниот столб висок 15 метри, подигнат во 1650 година, стоела позлатена Дева Марија на барокниот скулптор Јан Бендл. Тоа бил споменик во чест на бранителите против протестантската шведска армија, која продирала на крајот од Триесетгодишната војна (1618 – 1648).

Но во очите на обичните Чеси споменикот ја симболизирал насилната хабсбуршка рекатолизација на земјата, која се гордеела со верскиот реформатор Јан Хус, запален како еретик во 1415 година.

На 3 ноември 1918 година, само неколку дена откако Чехословачка стекнала независност од Австро-Унгарија, која умирала, група предводена од анархистот Франта Сауер го урнала столбот извикувајќи: „Подалеку од Виена, подалеку од Рим“.

Од 10,6 милиони жители, 8,6 милиони се изјасниле како атеисти

Многу Чеси тогаш ѝ свртеле грб на Католичката црква, а уште повеќе тоа го направиле за време на комунистичкиот режим од 1948 до 1989 година.

Верниците во Чешка сега се малцинство. Од 10,6 милиони жители, 8,6 милиони се изјасниле дека се атеисти или на пописите на населението не сакаат да се изјаснат за верата.

– Тој столб беше симбол на верска нетолеранција, рече еден од противниците на проектот Јан Вано.

Друг, Зденек Зацпал, вели дека споменикот е „циничен“ затоа што бил подигнат во близина на местото каде што во јуни 1621 година биле погубени 27 протестанти.

Обновата на споменикот моментално е заглавена во бирократски лавиринти. Иако активистите имаат градежна дозвола, која истекува во јули, градските власти велат дека немаат локациска. Вана вели дека во градскиот совет си играат со нив и не знаат кому прво да му се обратат.

Тие неколкупати се обиделе да ги подигнат плочите со кои е поплочен плоштадот и да почнат со градба, но во тоа ги спречиле комунални редари чие комбе сега постојано е паркирано покрај несуденото градилиште.

– Ни недостасува само едно парче хартија. Се надевам дека наскоро ќе го имаме и оти изградбата ќе почне, рече Вана.

Во меѓувреме, до конечната одлука, 60 тони тешката скулптура на Вана чека во делови на брод вкотвен на В’лтава покрај центарот на градот.