Во Чиле денеска се одржуваат претседателски и парламентарни избори, на кои нема да учествува актуелниот претседател Себастијан Пинера, бидејќи Уставот на земјата не му дозволува на претседателот да ја извршува таа функција во два последователни мандата.
Покрај претседател, Чилеанците денеска избираат 155 пратеници, како и 27 сенатори.
Седум кандидати, меѓу кои две жени, се натпреваруваат за избор на претседател.
Анкетите покажуваат дека фаворити се Габриел Бориќ од левичарската коалиција Потврди достоинство и Хозе Антонио Каст од екстремно десничарската партија Христијанско-социјален фронт.
Според резултатите од најновата анкета на фирмата „Кадем“, за Каст би гласале 24 отсто од испитаниците, а за Бориќ 19 отсто.
За победа во првиот круг на кандидатот му требаат повеќе од 50 отсто од гласовите, а доколку тоа не се случи, вториот круг од изборите ќе се одржи на 19 декември.