На гробиштата во дојранското село Сретеново денеска беше погребана Емилија Динева, жената која подари живот за тројца по својата смрт, а тој потег на нејзиното семејство ја одушеви јавноста.
Нејзиното срце и бубрези во текот на вчерашниот ден беа донирани за пациенти, а човекот врз кој беше трансплантирано нејзиното срце, веќе се чувствува добро.
Македонскиот шоумен Игор Џамбазов, кој извесно време живее во Сретеново, преку својот Инстаграм профил се збогуваше со Динева.
– Почивај во апсолутен мир, пријателке Емилија. И да знаеш. Твоето семејство не потсети што значи да се биде хуман и во најтешките моменти. Твоите најблиски покажаа колку големо срце имаат. Срце големо колку просторот од твоето Јосифово, до нашиот единствен Дојран. Диневи, Ви се поклонувам до земја, напиша Џамбазов.
Динева несреќно го загуби својот живот, но го продолжи животот на три други лица. Нејзиното срце го доби маж во првата трансплантација на срце во Македонија што беше извршена вчера на државната Клиника во Скопје.