Првата пратка од шест оклопни возила од типот Мардер 1A3, од Германија пристигнаа во Грција, како дел од договорот меѓу двете земји, 40 грчки оклопни возила ΒΜΡ-1 да се испратат во Украина, а истите да бидат заменети со германски возила Мардер, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот на армијата на Грција соопштија дека во следниот период, согласно соодветниот план, ќе пристигнат и останатите оклопни возила со цел надградба на борбената способност на единиците на копнената армија, зголемување на нивната борбена моќ, како и зајакнување на интероперабилноста на моторизираните пешадиски единици.
Министерот за одбрана на Грција Никос Панајотопулис одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со оклопните возила, во петокот, објасни дека од Германија, ќе добијат и муниција, а целиот процес на пренесување за земјата нема да има никаков трошок, бидејќи е на товар на Германија.
Според Панајотопулос, првите 20 оклопни возила за Украина веќе ги презела украинската страна на грчка територија, а во текот на оваа седмица, со одговорност на трета страна, односно на Велика Британија, ќе бидат пренесени во Украина.
На крајот на мај годинава грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германскиот канцелар Олаф Шолц, донесоа одлука, во Украина да бидат испратени оклопни борбени возила од типот ΒΜΡ-1 со потекло од источна Германија, што Грција ги добила во 1994 година, а во исто време да се заменат со оклопни возила од типот Мардер што Германија ќе ѝ ги отстапи на Грција.
Минатиот месец, министрите за одбрана на Грција и Германија го потпишаа соодветниот меморандум за разбирање, а исто таков меморандум, Грција потпиша и со Украина.