Комисијата за имунизација во Министерството за здравство на Грција даде зелено светло, вакцината на АстраЗенека да се користи за целото население, односно и за лицата над 65-годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.
Претседателката на комисијата Мариа Теодориду, на денешната редовна прес конференција за процесот на имунизацијата во Грција рече дека оваа одлука доаѓа по новите три истражувања за ефикасноста на вакцината на АстраЗенека на возрасни лица.
Во Грција, минатиот месец започна вакцинацијата со вакцината на АстраЗенека, но за лицата на возраст од 60 до 64 години, нешто што сега ќе се промени.
Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус рече дека досега во земјата е постигната 7.12 отсто имунизациска покриеност.