Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, утрово со свечена литургија во Храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ во Битола го одбележува јубилејот 40 години архиерејска служба на митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски, г. Петар.
Митрополитот г. Петар на тронот на Преспанско-битолската епархија доаѓа во 1981 година, по претходен предлог на Архиепископот Доситеј, сошто станува втор Митрополит на Преспанско-битолската епархија.
Според записите од архивата на преспанско-пелагониската епархија, митрополитот г. Петар на прв ден Духовден во 1981 година, во Соборниот храм „Св. Димитриј” во Скопје, е хиротонисан од сите членови на САС, а наредниот ден, востоличен е од Митрополитот Гаврил во Соборниот храм на Преспанско-битолската епархија „Св. Вмч. Димитриј” во Битола, втората по достоинство епархија во МПЦ. Во 1995 година митрополитот г. Петар го превзема управувањето со Австралиската Епархија.
Во изминативе години, како Архиереј, Митрополитот г. Петар извршува и многу други задолженија, претседател е на одделот за надворешни односи на МПЦ од 1992 година под чие претседателство се остварени голем број средби, седници и контакти на ниво на делегации и комисии со Цариградската Патријаршија, Ерусалимската Патријаршија, Руската – Московската Патријаршија, Романската Православна Црква, Грчката, Бугарската, Полската, Српската, Грузиската, Албанската Православна Црква итн.Учествувал на неколку симпозиуми за интеркултурација на Светото Писмо Новиот Завет, во Крит, Самос, и Португалија.
На полето на издавачката дејност уште од почетокот на неговото архипастирствување се зафатил со печатење на повеќе книги, од кои прво капитално дело е катихизисот за семејства Бог е Жив, прва преведена книга на странски јазик, односно на македонски јазик, од оригиналниот француски јазик, а издадени се и капитални богослужбени книги Посен триод, Цветен триод, Избор на месечни и празнични богослужби во два тома, Осмогласникот комплетен во два тома и други.
Митрополит Петар (родено име и презиме Јован Каревски) е роден во 1946 година и на денешната свеченост го слави и својот 75 роденден.