Еден метар квадратен. Толкав простор имаат на располагање во ќелија затворениците кои служат казна во Затворот „Идризово“. 16 осуденици се сместени во ќелија од 16м2, вели Народниот правобранител, Насер Зибери. Повеќето затвори се пренатрупани, има лоша хигиена, полни се со разни инсекти, а немаат ниту елементарни услови, како што е пристап до топла вода. И во затворот „Шутка“ исто така има недостиг на кревети. Условите во некои простории се под секаков стандард, а и третманот е нехуман, открива Зибери. Ваквата состојба, според омбудсманот, директно влијае врз тензичната атмосфера меѓу осудените лица.
-При увидот увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 метри квадратни, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија од 19 квадрати имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни. Затекнавме и случаи како осудените лица спијат на под, во ходници, во импровизирани кревети, ставени еден врз друг на три ката. Хигиената e на ниско ниво, рече Зибери.
Запрашан за осудените во случајот „Диво Насеље“, омбудсманот рече дека Управата за извршување на санкции го прифатила нивното барање за преместување во затворот „Идризово“.
-Нашата последна препорака беше прифатена од страна на Управата за извршување на санкции, дека овие лица ќе треба да бидат третирани исто како сите останати затвореници. Но, мојата првична препорака беше тие од затворот „Скопје“ да бидат префрлени во затворот „Идризово“, бидејќи во „Шутка“ и да сакаат да ги користат тие поволности, не постои регулатива и практични услови, вели Зибери.
Народниот правобранител, Зибери, презентирајќи го извештајот за минатата година во врска со состојбата во затворите, рече дека од извршените контроли било констатирано дека има пренатрупаност во КПУ „Идризово“, во штипскиот затвор, во „Шутка“, Тетово, Струмица и Битола. Зибери, меѓу другото откри дека во затворите „Шутка“ и „Идризово“ е утврдено дека се користат кожни ремени, лисици. По овој повод, додаде дека надлежните власти се несериозни и дека не им одговараат на поплаките.