Италијанската полиција уапси македонски државјанин, кој е осомничен дека се подготвувал да изврши терористички напад во името на џихадистичката група Исламска држава (ИД), јави ДПА.
Осомничениот Агим Мифтаров, на возраст од 29 години, бил уапсен во центарот за депортација на мигранти во Плацо Сан Џервазио во јужна Италија, откако полицијата забележала сомнителни активности на неговиот профил на Фејсбук.
Тој е обвинет за „подготовка за извршување на терористички акти“, за што, според италијанското законодавство, е предвидена затворска казна во траење од пет до десет години.
Мифтаров преку интернет читал пропагандни содржини на ИД и прегледал речиси 900 видеа за обука на терористи.
Полицијата информира дека според изјави на сведоци, тој се „самообучувал за евентуални идни терористички активности, можеби дури и во кризни региони како Сирија“.
Мифтаров во Италија работел како шумски чувар и често патувал за Македонија. Полицијата почнала да го следи при неговото враќање во Италија лани во ноември, по што во април бил задржан при обид да замине за Македонија и бил префрлен во центарот за депоратција.