Престижната варшавска издавачка куќа „Analiz“, во едицијата резрвирана за врвен европски роман, го објави романот „Нишан“ на Блаже Миневски на полски јазик. Македонскиот бестселер, чии шесто издание деновиве излегува во издавачката куќа „Три“ од Скопје, од македонски го преведе Елжбиета Чирлич под редакцијата на угледниот полски писател Томаж Карповиц.
Во најавата на издавачот, објавена во полските медиуми, меѓудругото се вели дека „Нишан“ е „фасцинантен роман создаден на еден мал јазик“ во кој на маестрален начин е раскажана „голема, возбудлива приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за победата како пораз и за поразот како победа“. Приказната е раскажана „сигурно и убедливо, со разоткривање на бројните противречности, предрасуди и страдања пред кои е исправено човештвото“,а истовремено „спонтано и вешто се наметнуваат и прашањата за односот меѓу реалното и иреалното, за стварната и романескната вистина, за големата лага на фикцијата, но и за фиктивноста на глобалната вистина“. Во секундата додека куршумите во ист миг летаат кон едниот и кон другиот брег, всушност над реката што го дели просторот на две спротивставени религии, се создава еден „сложен мозаик од измислени и реални истории, херои и настани фрлени во виорот на бесмислени конфликти и абнормални страсти“.
Освен на полски јазик, романот „Нишан“, добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“, и кандидат за „International DUBLIN Literary Award“, досега е објавен и на англиски, италијански, српски, ерменски, бугарски, кинески, словенечки и арапски јазик, а наскоро ќе биде објавен и на унгарски јазик во Будимпешта.