Израелската Влада одобри имиграција на 3.000 Евреи од завојуваната Етиопија, од кои некои со децении чекаат да им се придружат на роднините во еврејската држава.
Во Израел живеат околу 140.000 етиопски Евреи, а водачите на таа заедница проценуваат дека во Етиопија има уште околу 6.000.
Одлуката е чекор напред во решавањето на комплицираните односи на Израел со етиопската еврејска заедница. Иако семејствата на кои им е дозволено да емигрираат се со еврејско потекло и ги почитуваат еврејските обичаи, Израел според религиозниот закон не ги смета за Евреи. Наместо тоа, тие се обидуваат да имигрираат во Израел според програмата за обединување на семејството, за која е потребно специјално одобрение од Владата.
Во 2015 година беше донесена одлука да се доведат во Израел сите преостанати Етиопјани со еврејско потекло во рок од пет години.