Во Израел е покрената тужба против Икеа поради родова дискриминација, а случајот се однесува на каталог на овој познат шведски производител на мебел објавен во еврејската држава во кој нема фотографии од жени и девојчиња.
Каталогот е креиран посебно за заедницата на ултраортодоксни Евреи, наведуваат израелските медиуми. Тужбата ја поднеле Хана Кацман од градот Петах Тиква во централен Израел и Центарот за верска акција.
Претставничка на центарот рекла дека ова е првпат една меѓународна компанија да се соочи со тужба за таква дискриминација во Израел.
– Целосното исклучување на жените и девојчињата од каталогот испраќа серизона и тешка порака дека жените не се вредни и оти нешто е погрешно во нивното присуство дури и во семејниот дом прикажан во каталогот, се наведува во обвинението.