Медиумите во Јужна Кореја денеска изразија голема загриженост поради неуспешниот самит на американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Ханој.

Новинската агенција Јонхап објави дека по неуспешниот самит во Ханој часовникот за безбедносната ситуација на Корејскиот Полуостров „се врати на нула“.

Исто така наведе дека дипломатските напори за решавање на нуклеарниот спор со Северна Кореја „сега се на крстопат“.

Весникот „Фајненшал њуз“ го поставува прашањето дали Вашингтон и Пјонгјанг ќе успеат да го одржат во живот поттикот за дијалог, наведувајќи дека очекуваните преговори за нуклеарното оружје стануваат долготрајна битка.

Претходно, Сината куќа (кабинет на јужнокорејскиот претседател) соопшти дека изрази жалење поради тоа што не е постигнат договор на самитот Трамп – Ким, истакнувајќи дека двете страни постигнале значителен напредок.

Во соопштението од Сината куќа се наведува дека Трамп и Ким постигнале „значителен напредок кога и да било досега“ и оти желбата на американскиот претседател да го продолжи дијалогот ги интензивира шансите за одржување на нов состанок.

Вториот самит на Трамп и Ким денеска беше прекинат без да се постигне договор. Според американскиот претседател не е постигнат договор бидејќи Северна Кореја барала целосно укинување на санкциите во замена за затворање на нуклеарната постројка Јонгбјон.

Трамп по средбата изјави дека нема да има трета средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Трамп на прашањето дали почнале да планираат следна средба, одговори: „Не, не сме… ќе видиме дали воопшто ќе има“.

Американскиот претседател наведе дека не е постигнат договор бидејќи тој одбил да ги укине санкциите кон Северна Кореја.

– Беше поради санкциите. Санкциите не може целосно да бидат укинати, ние не можеме да го направиме тоа, посочи Трамп.

Тој додаде дека САД нема целосно да ги укинат санкциите кон Северна Кореја бидејќи Ким одбил да прекине нуклеарните проби.

– Тој изјави дека ќе тестира ракети и ќе прави што сака со нуклеарната енергија, посочи Трамп.