Дафенџинг, мал град во кинеската провинција Хенан, за еден ден беше зафатен од количество дожд колку што врне за речиси една година во таа област, а невремето што го зафати југот во последните денови се пресели во централнитe и севернитe провинции на земјата.
Во рок од 24 часа, во Дафенџинг се забележани 606,7 мм врнежи од дожд, што според кинеските метеоролози е најмногу од каде било во Кина. Просечните годишни врнежи во тоа подрачје изнесуваат 800 мм.
Властите во Хенан утрово ги воведоа највисоките мерки за контрола на поплавите.
Рекордни врнежи се забележани во јужна Кина од април до јуни, додека на север, жештините ги исушија полињата и ги загрозија посевите. Метеоролозите предвидуваат дека во регионот каде што се провинциите Хенан, Шандонг и Анхуи до вечер ќе има обилни врнежи.
Пекинг утринава привремено затвори голем број железнички линии во приградските области, откако издаде предупредување за невреме и поплави.
Во северозападната кинеска провинција Гансу, округот Канг прогласи црвен аларм поради дожд и поплави.