„Ѓаволот од дупката во секое село глави по еден ѓавол, а во Муртино го постави за коџобашија и како башибозук муртинскиот ѓавол.
– Чич’ѓавол, – му рече еднаш на проба една актерка по потекло од Муртино, додека тој режираше- еден миракл, – кој е тој муртински ѓавол, ние во Муртино немаме ѓавол.
– Абе чичино, ако го нема сега, значи е на пат, – и рече режисерот на претставата. – Колку што мене ми е познато, во овој момент е на специјализација во градот и поглижда на горе, но ако сакате, ќе ви го пуштам долче.“
Ова е една од стоиседумдесетте кратки прозни записи за ѓаволот во книгата на академик Митко Маџунков, објавена неодамна од издавачката куќа „Арс студио“ од Скопје. Според писателот и преведувач Ташко Ширилов ’приказните за ѓаволот со својата енигматичност и длабока промисленост претставуваат книжевно ремек-дело’. И академик Влада Урошевиќ смета дека ваквите кратки прози на Маџунков ’можат слободно, без страв од претерувања, да ја понесат оцената – вистински ремек-дела’. Во тој контекст сличен е и ставот на академик Георги Старделов за кого прозата на Маџунков е ’споменик на македонскиот книжевен јазик и израз, кој воспоставува највисок можен стандард за идните генерации’.
А во својата најнова книга, Маџунков меѓу другото пишува за ѓаволот и јазикот,
за ѓаволот и меѓународните сили, за ѓаволот и опозицијата, за ѓаволот и власта, за ѓаволот како командант на невладини организации, за ѓаволот како чувар на гласачките кутии, за ѓаволот што оди на митинг, за ѓаволот што држи час за знамето и за буквите, за ѓаволот што пости, за ѓаволот што се бори со амандмани, за ѓаволот што се изјаснува за уставот, за ѓаволот што си го тетовира јазикот, за ѓаволот со бугарски пасош, за ѓаволот што ги кара спортистите, за ѓаволот што ги советува жените, за ѓаволот што го учи Аристотел…
Ѓаволот дава мислење за делбата!
Во една од антологиските прозни филиграни во книгата, Маџунков пишува и за мислењето на ѓаволот во врска ’делбата’:
„Откако Земјата била поделена на три дела, најголемиот дел му припаднал на брат му на ѓаволот од дупката, што бил од долната страна, па овој посакал, иако не бил најстар, да ја префрли таму и семејната дупка. Ѓаволот од дупката си бил човек традиционалист (ех, човек, ама така се кажува!) и не можел да го дозволи тоа, па упатил жалба до својот противник од небото, ставајќи ја својата судбина во негови раце.
Во жалбата, меѓу другото, пишувало:
’Долниот сосед не го признава народот мој каде што ми е дупката, затоа што имал јазик свој и своја (самопрогласена) црква каде што се слави горното име. За да биде она што е, народот тој не требало да има јазик свој и (самопрогласена) црква, туку да пцали на јазикот на долниот сосед и да клања во негова црква.
Братот мој помал од долната страна вели дека требало да се викаме ѓаволос, дупката да ни биде дупкос, да одиме на црквос, а да зборуваме на јазикот долнососедос.
Јас тоа драговолно би го прифатил кога би можел да си го скршам јазикот (зашто во црква, ни признаена ни непризнаена, да ми прости насловот, не одам), но тоа на мои години не е можно. Затоа молам моето умоление да биде решено според моето видение, а во спротивно, нема да го признаам уваженото решение.’
Во кратката проза за ѓаволот и јазикот, Маџунков уште еднаш се навраќа на јазикот и на одлуката да се биде и да се остане токму во него, иако ’со него не можеше да се разбере со никого’:
„Една од причините зошто ѓаволот не сакаше да ја напушти својата дупка и мирно да си живее на Оној свет, туку доброволно се врати за да стане измеќар на дупката, беше тоа што многу си го сакаше својот јазик.
Иако немаше татко, замјата каде што му беше дупката си ја сметаше за татковина а иако немаше мајка, јазикот си го сметаше за свој мајчин јазик.
Си го сакаше јазикот прво затоа што беше негов.
Си го сакаше второ затоа што беше стар речиси како изумрените јазици.
Си го сакаше трето затоа што можеше да се перчи со него на когресите облечен како манекен.
Си го сакаше четврто затоа што на него го напиша своето Завештание со опашот натопен во мураќеп.
Си го сакаше петто затоа што на него ја резилеше лошата жена кога ќе му одмилеше.
Си го сакаше шесто затоа што на него можеше да се изрази убаво чувство и зрела мисла, што нему му прилегаше.
Си го сакаше седмо затоа што не него не можеше да се разбере со никого, но се разбираше со самаиот себе“.
Ѓаволот држи час за знамето и буквите
Како што доликува на еден репрезентативен ѓаволски примерок од Балканот, нараторот на Маџунков го има насекаде, во сите форми, сегменти, околности и настани. Во таа насока тој, на пример, спори и со ’простиот Македонец“, објаснувајќи му ја разликата меѓу ’ѓаволот од дупката’ и ’простиот Македонец’: „Голема е разликата меѓу Ѓаволот од Дупката и Простиот Македонец. Моето име кажува дека потекнувам од оваа почва, штом ми е тука дупката, а твоето укажува на твојот простотилак. Затоа за тебе ќе бараме ново име со географска определница, па отсега ќе бидеш Оној Што Потекнува Од Земјата Каде Што Му Е На Ѓаволот Дупката“.
И, се разбира, ѓаволот не е голем, сеприсутен ѓавол ако не го ’интересира’ се што се случува денес, но и она што се случило вчера, како и она што ќе се случи утре. Во таа насока, тој држи и час за знамето и буквите, нагласувајќи дека по волја на Зарзевулот се мора да биде наопаку:
„Кога го создал светот, Зарзевулот го скроил така за него да е скроен и строен., а на другите на тој начин да им го скрои и да го растрои“, им рече ѓаволот на ѓаволчињата-прволачиња на полчетиокот на новата учебна година.
„Дај пример, учителе“, заѓавкаа ѓаволчињата.
„Ќе дадам“, рече ѓаволот. „Ако некој во земјата на Зерзевулот сака да се пофали кој е, што е, па реши да го развее знамето на својот синор или на своето племе, може, но тоа мора да биде мало, а над него задолжително да се вее, повисоко и поголемо, зарзевулското знаме. Во спротивно, ќе го јаде стапот и ќе лежи апс.“
„Ама кај нас не е така“, пак заѓаволија ѓаволчињата.
„Кај нас не е така затоа што кај нас, по волја на Зерзевулот, мора да биде наопаку, за да се знае дека оваа земја не ја фаќа закон.“
„Дај ни пример, учителе“, извикаа ѓаволчињата.
„Друг пример се буквите“, рече ѓаволот. „Досега учевте буква по буква, ѓ-а-в-о-л, да можете убаво да прочитате, ѓѓѓааа-вввооо-ллл, а отсега ќе читате одеднаш, ѓавол, за да не знаете што сте прочитале“, објасни ѓаволот. „Таква е волјата на Зерзевулот!“
Ѓаволчињата побараа и нови примери, но чукна ѕвончето и ѓаволот се спаси без да го скрати часот.
Ѓаволот од Мала Речица
Во секој случај, разговорот не завршува тука; истите деца, или, можеби, некои што не се деца а се прават деца, врзувајќи потоа чалми на главите, еден ден го прашале ѓаволот за двојазичноста, всушност го прашале како тој ’се изјаснува за двојазичноста’:
„Тој рекол дека неговата земја веќе била двојазична, зашто го прифатила неговиот јазик како свој, а за друг јазик (кој би бил трет) немало место во неговата граматика. Кога на форумот во Ѓавос го поткачиле дека лошо се изразил за двојазичноста, тој им одговорил на својот јазик, но никој не го разбрал, зашто форумџиите биле еднојазични. Подоцна по третпат го прашале за двојазичноста а тој побарал да му наведат пример за земја што преживеала со два јазика, а да нема резервен јазик во некоја соседна или прекуокеанска земја. Кога сите ги обесиле јазиците, било јасно дека ѓаволот победил во дебатата, но попусто, зашто јагнето од Земјата каде што му била дупката на ѓаволот веќе висело на ченгелот стискајќи го меѓу забите своето јазиче“.
Како и да е, во истиот Ѓавос, на маргините од Форумот, се разбира, го прашеле Ѓаволот од Дупката зошто се изјаснува евроскептично, барем според пишувањето на ’слободниот печат’ во неговата Дупка а тој без влакна на јазикот, ако воопшто има јазик, отворено им рекол:
„Јас сум Европеец од рогови до опаш. Иако ме има насекаде по светот, тука ми е коренот. Живеам во Европа и, да ми е судено да умрам, што не е случај, би сакал да умрам во единствената безимена земја во Европа, каде што ми е дупката. Но сакам да размислите за нешто што сега ќе ви го кажам. Во претходната ( не се осмелувам да кажам последната) светска војна во Европа имаше тројца победници: Русија, Европа и Југославија што ја избришавте од картата на Европа. Се досетувате ли тогаш кој остана во Европа, и зошто сум евроскептичен?“
Патем, ѓаволот над ѓаволите не би бил Ѓаволот од Дупката ако во исто време не е насекаде, па дури и во Мала Речица, зашто знае дека ’во секое село има мал ѓавол или макар ѓаволка, оти всушност самиот ги поставуваше: „Кога слушна дека ѓаволот од Мала Речица шест дена заседава и не може да го реши тоа што го решавал, мошне увилен стана. Нему му беше познато дека реката Мала Речица, иако беше ем речица ем мала, ем одамна исушена, пак беше најголемата непловна река на континетот, а дека селото Мала Речица, и покрај калливите сокаци што врволкаа во внатрешноста на неговите бедеми, е попознато место од Шесте царства со кои војувал Зерзевулот, па затоа мошне се чудеше зошто неговиот калфа уште не си ја свршил работата како што му било речено“.
И за демократијата Ѓаволот од Дупката има свое издвоено, стручно мислење. Имено, ’кога демократските земји му префрлиле на ѓаволот дека во земјата каде што му е дупката многу слаба била демократијата, тој се согласил но истовремено рекол’:
„Кога кај вас демократијата се зафати, вие првин ги горевте, потоа ги бесевте, а најпосле ги фрлавте низ прозорец своите кралеви и кралици. Чекајте сега и ние да си го искараме редот, па потоа да застанеме во редот!“
Во своите најнови „Приказни за ѓаволот“, авторот Митко Маџунков всушност разговара со себе, со нас и со она што се случува околу нас. А ѓаволот од дупката гласно го изговара она што не сакаме да го слушнеме а уште помалку да го кажеме. Впрочем, затоа е ѓавол! И затоа може да каже: „Јас сум му благодарен на мојот противник од небото што ја признава мојата дупка под уставното име!“