Во Крушево се одржува манифестацијата „Вечери во чест на Васил Иљоски“ за еден од основоположниците на повоената македонската драматургија и еден од основоположниците на македонската битова драма. Манифестацијата се одржува втора година по ред во организација на крушевската општина и на средното училиште „Наум Наумоски Борче“.

Пред крушевчани синоќа беа прогласени најдобрите есеи за Васил Иљоски, беше промовирана книгата „Крушевчанецот Васил Иљоски“ на професорот и литерат Никола Јованоски, беа изложени 60-ина фотографии од претстави на Иљоски, а ученици изведоа драмски текстови на познатиот крушевски драмски автор, есеист, литерат и член на првата комисија за кодификација на македонскиот литературен јазик.

Според Јованоски, автор на брошурата „Крушевчанецот Васил Иљоски“, книгата  е придонес во трајниот спомен за Иљоски и донесува регистар на драмите на Иљоски играни во македонските театри од 1946 година како и бројот на публиката која ги проследила.

-Она што ја прави специфична книгата е регистерот на театарски претстави кои се играни според неговите драми во периодот од 1946 па се до 2015 година. Дури, за некои од нив, како што се од Битолскиот театар, имаме прикажување на бројот на претстави кои се играле на една драма од Иљоски и број на гледачи. Ако сето тоа се собере, се констатира дека над два милиона гледачи ги проследиле претставите на Васил Иљоски. Ова е еден скромен придонес за научната мисла за ликот и делото на Васил Иљоски. Изложени се и 60-ина фотографии од претстави на Иљоски, со документирање кога и во кој театар е играно делото на Иљоски. Може да се рече дека Крушево има среќа што го има Васил Иљоски. Ретки се луѓето кои целиот живот го посветиле на македонскиот збор, мисла, на македонскиот јазик, воопшто. Да не заборавиме, Иљоски е еден од првите членови на првата јазична комисија за осамостојување на македоснкиот јазик и негово кодифицирање. Ова е мал придонес на нешто што во иднина треба да прерасне во трајно, објаснува Јованоски.

Беа промовирани наградените за есеј за Васил Иљоски. Првонаградена за есеј на конкурсот„Улогата на Васил Иљоски во развојот на македонската драмска литература“ е Марија Петроска, ученик во четврта година, второнаграден е есејот на Петрина Станкоска ученик од трета година, а третото место и припадна на Марија Стојаноска од прва година, сите во средното крушевско училиште „Наум Наумоски Борче“.

Петроска која живее во родната куќа на Иљоски вели дека последните години осознала за големата улога на Иљоски во развојот на македонската драмска литература.

-Пред некоја година бев запозната дека во мојата куќа, всушност, живеел познатиот драматур Васил Иљоски. Кога ја видов плочата закачена на ѕдот покрај прозорците, прво не знаев кој е тој. Кога го обработувавме нек=говото драмско дело „Чорбаџи Теодос“ многу дознав за Иљоски. Сега сум свесна дека тој многу придонесол за развојот на македонската драмска литература. Би рекла, живеам со неговиот дух во мојата куќа, вели крушевската средношколка Петроска.

На чествувањето за Иљоски присуствуваше Иванка Иванова, правнука од сестра на Васил Иљоски, која е родена и живее во Бугарија Трет пат е во Крушево, за, како пто вели, да си ги спознае корените за што пишува книга. Прадедото Васил го видела еднаш, а нејзината прабаба постојано го споменувала и исклучиво говорела македонски.

– Ова ми е трет пат што доаѓам. Сакам да ми простат сите што не знам добро македонски. Се што знам е од мојата прабаба, сестра на Васил Иљоски. Всушност мојата прабаба Донка е бегалка во Бугарија. Како Донка од драмата „Беглака“. Таа зборуваше македонски па сѐ научив од неа. За прв пат дојдов пред 10 години и тогаш плачев, зашто сакав да видам каде ми се корените, од каде е мојата прабаба која цел живот говореше македонски. А прадедоми Васил само еднаш дојде во Бугарија кога бев мала. Сега пишувам книга и сакам моите деца да знаат од каде им се корените. Оти, дрво без корен, не го бидува. Ги сакам Македонија и Крушево и сакам сите луѓе да сме добри, да се разбираме, вели правнуката на Васил Иљоски, Иванка Иванова.

Снежана Миленковска, директор на крушевското средно училиште „Наум Наумоски Борче“нагласува дека ќе се воспостави аматерски театарски фестивал кој ќе го нсои името на големиот македонски драмски автор.

-Идејата е ова да прерасне во Фестивал на аматерски театарски игри во кои ќе бидат вклучени учениците од основните и од средните училишта од земјава, а потоа и од страство. Целта е да се слават делата на македонските драмски писатели, вели Миленковска.

Во рамки на „деновите за Васил Иљоски“ в сабота вечер во домот на културата „ Наум Наумоски Борче“ ќе биде одиграна претставата „Последната ноќ“ на битолскиот народен театар.