Сомалиската исламистичка група Ал Шабаб вчера изврши вооружен напад во град во полуавтономната држава Галмудуг, убивајќи притоа околу 30 лица
-Бунтовниците користеа автомобили-бомби за да ја нападнат воената база во градот Висил, во централна Сомалија, почнувајќи борба со владините трупи и вооружените локални жители, изјави мајорот Мохамед Авале, воен офицер од Галмудуг.
„Тие ја нападнаа базата со два автомобили-бомби, по што следеа жестоки борби што траеја повеќе од еден час“, соопшти мајорот и додаде дека бомбите оштетиле воени возила, пренесуваат британските медиуми.
-Во борбите се убиени 30 лица, меѓу кои 17 војници и 13 цивили, рече Авале.
Сомалиската Влада експресно го осуди нападот, наведувајќи дека во борбите се убиени 41 борец на Ал Шабаб.
Повеќето повредени во нападот со авион се пренесени во главниот град Могадишу на лекување.
Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот, соопштувајќи дека неговите борци убиле повеќе од 30 војници и повредиле повеќе од 40 други.
Групата Ал Шабаб, сојузник на Ал Каеда, во Сомалија се бори повеќе од една деценија, обидувајќи се да ја собори централната влада на земјата и да воспостави свое владеење темелено врз строгото толкување на исламскиот шеријатски закон.
Борците од групата често извршуваат вооружени и бомбашки напади врз голем број цивилни и воени цели, вклучувајќи сообраќајни раскрсници, хотели и воени бази.