Премиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, ќе се изолира 10 дена откако тестот за коронавирусот покажа дека е позитивен, по враќањето од Самитот на Европската унија.

Никој од другите 26 лидери на ЕУ кои присуствуваа на самитот во Брисел во четвртокот и петокот не биле во контакт со заразениот премиер на Луксембург, се вели во соопштението од неговиот кабинет.

Според правилата во Луксембург за спречување на ширење на вирусот, се смета дека близок контакт со заболен од КОВИД-19 е ако се помине повеќе од 15 минути со него на растојание помало од два метра без маска.

Портпарол на Бетел изјави дека тој строго ги следел правилата за време на самитот.

„Нема шеф на држава или владин претставник на списокот на блиски контакти на премиерот“, додаде портпаролот.

Во соопштението од канцеларијата на Бетел се вели дека тој има „благи симптоми“, вклучително треска и главоболки, но „ќе продолжи да ги извршува своите задачи и функции“ од дома.

Бетел примил само прва доза на вакцина.

Малата европска земја со околу 600.000 жители регистрирала 70.600 случаи на коронавируси и 818 смртни случаи од почетокот на пандемијата.