Властите на Нова Каледонија денеска упатија повик за смирување на тензиите по немирите кои избија во главниот град Нумеа поради дискусијата за уставните измени во Собранието во Париз, кои ги осудуваат сепаратистите на оваа француска прекуморска територија.
Луис Ле Фран, високиот комесар на Париз на територијата на Пацификот, рече дека демонстрантите впериле оружје од голем калибар и ловечки пушки кон жандармите. Тој додаде дека нема жртви.
„Повеќето од инцидентите се во северните делови на градот“, рече Ле Фран и апелираше да се смири ситуацијата.
Властите на Нова Каледонија објавија дека наставата во училиштата е прекината и дека меѓународниот аеродром е затворен. Немири избија вчера за време на демонстрациите против предлогот што го разгледуваат пратениците во Париз, а кој има за цел да го прошири електоратот за локалните избори.