Кино на трева е насловено првото издание на бесплатни филмски вечери кои од утре до 27 јули ќе ги организираат Младинскиот културен центар и кино „Милениум“ во паркот на МКЦ. Ќе бидат прикажани пет филма во петте вечери, кои се во склоп на програмата на настанот „МКЦ за Скопје“.
Утревечер ќе биде прикажан „Студена војна“ на Павел Павликовски, в среда на програмата е „Догмен“ во режија на Матео Гароне, „Лоро“ на Паоло Сорентино е на 25 јули, „Ослободување на Скопје“ на Раде и Данило Шербеџија на 26 јули, а в сабота, 27 јули, „Кино на трева“ ќе заврши со филмот „Граница“ на Али Абаси.
Проекциите ќе почнуваат во 21 часот, освен за филмот на 26 јули која ќе почне по полноќ.
– Ќе биде обезбеден превод на македонски јазик, на вас останува да си обезбедите место за седење со камперски столчиња или некое постаро ќебе за седење на трева, соопшти МКЦ.