Граѓаните во петок повторно ќе излезат на улица да го искажат своето незадоволство од одлуката на Регулаторната комисија за енергетика да ја покачи цената на електричната енергија за 7,4%.
-Нема да биде класичен конвенционален протест, ќе биде повеќе нешто како герила акција. Ќе се одвива во повеќе градови, во Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево. Мислам дека е време и другите градови да се приклучат кон ваквите протести, бидејќи поскапувањето на цената на енергијата се случува на национално ниво, а не само во овие градови. И уште еден повик до надлежните да ги сфатат посериозно овие барања да не дојде до некаква ескалација, како што дојде во Тетово минатата недела, вели Арианит Џафери, член на организациониот одбор на протестите.
Демонстрантите бараат за 46% поевтина цена за струја. Незадолни се и од тоа како функционира пазарот на електрична енергија, па бараат да се укине Регулаторната комисија, а да се формира независно арбитражно тело кое ќе ја контролира услугата, што потрошувачите ја добиваат од енергетските компании. Бараат од новите пратеници да го намалат ДДВ-то за сметките за струја од 18% на 5%.
-Сакам да ја искористам оваа можност да ги повикам сите пратеници од која било партија, 120 се од целата држава, да ги заштитат интересите на граѓаните, да се чуе нивниот глас во интерес на граѓаните, кои се жртви на ова поскапување, поради тоа што граѓаните им дадоа глас и време е тие да дадат глас за граѓаните, вели Џафери.
Инаку, денеска ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ ја покачи цената на струјата за да профитираат од тендерите на штета на граѓаните.
-СДСМ и Заеви свесно ја покачија цената на електричната енергија, на сметка на грбот и штета на граѓаните, само и само за да делат профит од високата цена преку тендери од универзалниот снабдувач и од институции од државата. За сметка на тие профити кои ги дели струмичката агенција за обезбедување со Заеви, за кои што имаме сериозни сомнежи, над 21 милион евра, а граѓаните живеат во сиромаштија.
Наместо Заеви да делат огромни профити од парите на граѓаните, можеа да реализираат сериозни проекти за подобрување на животот на граѓаните, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, сметаат дека Македонија е дел од европските земји со најниски цени за струја, а потрошувачите и натаму имаат евтина тарифа.
Одлука за поскапување на струјата Регулаторната комисија за енергетика ја донесе по барање на енергетските компании поради нивните намалени приходи во изминатиот период. Сепак, доколку енергетските компании достават нова пресметка, првиот човек на Регулаторна рече дека цената на струјата може веднаш да се смени. Но, енергетските компании се изјаснија негативно за идеата за корекција на цената.