Во последниве години, Македонија беше сведок на голем број онлајн финансиски измами, но малку која измама предизвика толкав шок како онаа на платформата Conti.
Веста дека платформата престанува со работа се ширеше како пожар по социјалните мрежи, проследена со коментари со неверување.
Conti беше осмислена како начин за брза заработка и со самото тоа и омилена кај десеттици илјади Македонци.
Ако е за верување, Телеграм групата Конти Македонија брои над 14.000 членови, ако по некоја логика сите тие вложиле на платформата и ако просекот на вложените средства е 300 долари (иако некои вложиле и 100, но некои и 750 па и 3.000 долари) тогаш лесно се доаѓа до бројката од над 4 милиони долари.
Се разбира, има и такви кои од ова заработила особено оние што се приклучиле порано и кои беа на врвот на пирамидата, но факт е дека огромен дел од „инвеститорите“ извисија.
Conti, како и многу други измамнички платформи, се претстави како финансиска можност за брзи и лесни пари преку инвестирање во виртуелни средства или криптовалути. Преку лажни ветувања за сигурни заработки, луѓето беа привлечени да вложуваат без доволно проверка и анализа на легитимноста на платформата.
Дел од учесниците веќе не можат да се логираат на страницата и не добиваат приливи на платформата за тргување со криптовалути, а се претпоставува дека Конти им собра вкупно десетина милиони евра. Најпрво биле убедувани дека станува збор за времен проблем, но во групата на Телеграм се огласија и администраторите.
Најмногу заработуваа оние кои први се вклучија во Конти, но вистината е дека парите доаѓаа од новите членови и завршуваа кај оние кои се на врвот на пирамидата. За да заработат, како што биле уверувани, членовите морале да инвестираат одредна сума, односно да купуваат пакети во различни вредности од 50, 200 и 500 долари, а подоцна вложувањата се зголемиле. Иако имаше предупредувања дека станува збор за измама, учесниците не се откажуваа, па голем број од нив изгубија илјадници евра. Денеска, пак, на ФБ се појави страница Конти-Враќање на изгубените пари.
„Сега следува втора рунда измами, каде одредени личности ќе ви гарантираат дека за симболична сума ќе ви ги вратат парите што сте ги изгубиле во Конти“, предупредуваат граѓаните на ФБ.
Искусните измамници користеа манипулативни маркетинг стратегии, креираа професионално дизајнирани веб-страници, и обезбедуваа „техничка поддршка“ за да изгледа сè реално и легитимно. Во еден момент, довербата на вложувачите беше толку голема, што многумина вложуваа дополнителни пари, очекувајќи брз профит. Сепак, набргу се покажа дека овие „повратки“ биле само виртуелни бројки, без никаква реална вредност.
Овој случај ја потсетува јавноста на важноста од внимателност при инвестирање, особено кога се работи за виртуелни платформи без регулирање или без јасна и проверлива историја на работење. Финансиските измами како оваа можат да остават трајни последици врз животот на луѓето и нивната финансиска стабилност.