Во подрум на непозната локација во Скопје, на овие две машини, се ковале повеќе стотици илјади евра, во монети од по две евра, кои потоа го преплавиле Косово. Во оптек ги пуштал сега веќе уапсениот 34 годишен ресенчанец – полициски инспектор за сузбивање на организиран и сериозен криминал во Македонија, а во истрагата против него учествувале и колеги токму од неговиот сектор.
Од МВР соопштуваат дека пронајдени биле шест метални печати за изработка на монети од две евра, шест вреќи со полупроизвод на монети и една вреќа со готов производ на фалсификувани монети.
Во заедничката акција на македонското и косовското Обвинителство, полицаецот е осомничен дека во неколку наврати внесол и пуштил во оптек илјадници фалсификувани монети во вредност од по две евра. Според инфомрациите тој бил дел од мрежата на фалсификатори, но не и мозокот на цела оваа операција.
-На 4 август во Косово беше уапсен еден државјанин на Република … Македонија за кого постои сомнение дека произведувал и пуштал во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по 2 евра. Во исто време, во Скопје беа извршени претреси на три локации при што беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење, велат од ОЈО.
Фалсификаторот користел пет различни мотиви за националната страна на лажните монети. Прикажувал дека парите кои се произведувале во Скопје доаѓале од Хрватска, Италија, Франција, Португалија и Финска.
Ова е не прв случај македонски државјани да бидат уапсени во Косово за фалсификувани евра. Во ноември минатата година беа приведени тројца македонски и тројца косовски државјани кои беа фатени со лажни 85 илјади во апоени од по две евра.
-Осомничените ги ставиле монетите во разни кеси, камуфлирајќи ги за да личат на товари обична стока и ги ставиле во автомобили, а потоа на 28 ноември годинава ги донеле во Косово, кажаа тогаш од Специјалното обвинителство на Косово.
Лажните евра не се никаква новина ниту во Македонија, иако еврото не е валута која се користи на македонскиот пазар. Речиси 50 илјади биле откриени од 2022-ра па наваму.
-Само минатата година биле откриени вкупно 11.489 илјади парчиња фалсификувани монети на евра од кои 11.122 парчиња се во апоен од 2 евра и 367 во апоен од по едно евро. Во 2022 година биле откриени околу 10.717 од по 2 евра и 231 монети по едно евро, велат од Народна банка.
Централната банка на Косово за година и половина повлекла од оптек околу 2,5 милиони парчиња ковани пари со апоени од 2 евра, во вредност од вкупно 5 милиони евра. Проверката покажала дека дел од нив се фалсификувани. Европската Централна банка изминативе две години предупредува на сериозна појава од лажни монети низ еврозоната.