Италијанската филмска дива Џина Лолобриџида ќе се кандидира за сенатор на италијанските избори на 25 септември, пренесуваат италијанските изданија.
Деведесет и петгодишната актерка реши да влезе во битка од изборната единица Латина во име на изборната листа „Суверена и народна Италија“, зад која се Комунистичката партија, Социјалистичката партија, движењата „Граѓанска акција“ , „Сè уште Италија“ и „Да си ја вратиме Италија“.
Ова не е првпат Лолобриџида да се обиде да влезе во политиката. Во 1999 година се кандидираше за изборите за Европскиот парламент на листата на движењето „Демократи“, но не беше избрана.
Веста за одлуката на дивата повторно да влезе во политиката ја објави сенаторот Емануел Деси, поранешен член на „Движењето 5 ѕвезди“ кој премина во редовите на Комунистичката партија. Лолобриџида била убедена да кандидира од адвокатот и политичар Антонио Ингроја, чии правни услуги ги користела во минатото.