Археолозите откриле одлично зачувани остатоци од двајца мажи кои починале во ерупцијата на Везув во 79 година.
Тоа е една од најпознатите вулкански ерупции во историјата, во која бил уништен римскиот град Помпеја. Ерупцијата ги погодила античките Римјани во градот во подножјето на планината Везув целосно неподготвени, па многумина останале скаменети од лавата што ги прекрила.
Речиси 2000 години подоцна, поради сето ова, Помпеја стана едно од најважните археолошки места во историјата.
Остатоците се пронајдени во Цивита Џулијана, 700 метри северозападно од центарот на античка Помпеја, во подземната просторија на голема вила каде се во тек археолошки истражувања. Еден од нив веројатно бил со повисок социјален статус и бил на возраст меѓу 30 и 40 години. Под вратата, археолозите пронашле остатоци од волнена наметка.
Другиот човек, веројатно на возраст од 18 до 23 години, бил облечен во туника и имал неколку оштетени пршлени, што укажува на тоа дека бил роб и работел напорна работа.
Забите и коските на мажите биле добро сочувани, а празнините на коските најпрво биле пополнети од експерти со зацврстен малтер, а потоа биле ископани за да се спречи нивното кршење.
„Овие две жртви веројатно се обидувале да побараат засолниште околу 9 часот наутро кога ги пеплосал пирокластичниот бран“, рече Масимо Осана, директор на археолошкиот локалитет. „Тие починале од ефектите на термички шок, како што укажуваат нивните стегнати нозе и раце.
Министерот за култура Дарио Франческини рече дека откритието го истакнува статусот на Помпеја како „неверојатно место за истражување “.
Во времето на вулканската ерупција во Помпеја во 79 година н.е., имало околу 13 000 жители. Остатоците од градот биле откриени дури во 16 век, а организираните ископувања започнале околу 1750 година. Но, неодамна, вниманието е насочено кон обидот да се запре распаѓањето и пропаѓањето на вредните урнатини.