Облечени во посебна облека и ишишани, таткото на Вања Ѓорчевска, Александар и тројцата осомничени за киднапирање и убиство на 14 годишното девојче и 74 годишниот Панче Жежовски, вечерва повторно се донесени во Кривичниот суд.

Под силно полициско обезбедување тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка кој ќе одлучува по новото барање за мерката притвор, овој пат од 30 дена.

МИА

Осомничени за нејзиното убиство, покрај таткото, се Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се дел од партијата Десна на првоосомничениот, Љупчо Палевски – Палчо, кој е во бегство и надвор од државата и за кого е донесена наредба за спроведување истрага и издадена меѓународна потерница.

МИА

Притвор од 48 часа се бара и за уште едно лице, 46 годишен скопјанец, кој беше приведен под сомнение дека му помагал на Палчо.

-Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка Ланд Ровер, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор, информираат од Обвинителството.

Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава.