Од почетокот на воената агесија на Русија врз Украина во февруари, зголемен е бројот на доселување на руски државјани во Србија, најмногу во Белград и Нови Сад, а по мопбилизацијата на интензитет добија и барањата за засолниште и за трансфер, јави дописникот на МИА од Белград.
Доселувањето на голем број Руси во Србија, се должи на неколку фактори, пред се на добрите политичко-економски односи или како што се потенцира „братски односи“ на двете држави, безвизниот режим, невоведувањето санкции и секојдневните директни авио линии од Белград за повеќе руски градови, за кои долго време нема слободна карта и која на црно достигнува цена и до 2.000 долари.
Премиерката Ана Брнабиќ обелодени во неделата дека во последните неколку месеци во Србија засолниште нашле 12.000 руски државјани и дека половината од нив веќе имаат добиено работни дозволи, најмногу во ИТ секторот.
Американските медиуми во проценката одат со уште поголема бројка, дека во Србија дошле околу 50.000 руски жители, како и дека наредните две недели се очекуваат да пристигнат уште 4.000 лица.
Според медиумите, од почетокот на годината во хотелите во Белград се остварени 224.000 ноќевања на руски државјани.
Тие се организираат преку Фејсбук и Телеграм, а при пристигнувањето во главниот град на Србија, не прашуваат за цени за изнајмување на становите, така да просечната цена за изнајмување во Белград, во зависност во кој дел од градот станот се наоѓа, е зголемена за 50 отсто, така да цената на двособен стан сега изнесува од 600-800 евра или за трособен стан од 1000-1500 евра и повеќе кога станува збор за изнајмување на куќи или станови во ексклузивни зони, како што се Белград на вода, Дедиње или Сењак.
Тие изнајмуваат станови на период од три месеци до една година, со што се стекнуваат со едно од правата за добивање на престој во Србија.
Зголемување на цените почнува да создава проблеми, така да медиумите го цитираа русинот Јуриј Петров, кој добил понуда за изнајмување на гарсоњера од 18 квадрати, со баба и три мачки за цена од 800 евра, по што изјавил дека можеби мобилизацијата и не е најлоша работа.
Доселувањето и изнајмувањето станови е топ тема во Белград, а од вчера медиумите почнаа да пишуваат за тоа дали Србија ќе ги депортира русите кои избегале од мобилизацијата, доколку Москва тоа го побара.