Портпаролот на Пентагон Патрик Рајдер ги повика Турција и Грција на дијалог и додаде дека неговата земја нема никакви вежби во Егејското Море.

На прес-конференцијата тој ја коментираше протестната нота што Анкара ја испрати до Вашингтон во врска со оклопните возила од американско производство што Грција ги испрати на островите во Егејското Море.

Новинар од Анадолија побара коментар за протестната нота до Грција и САД откако оклопни возила беа испратени на двата острови кои имаат статус на демилитаризирани зони.

На прашањето дали САД имаат вежби или обука во таа област и каков е американскиот одговор на протестот на Турција, Рајдер рече дека нема информации дека САД одржуваат вежби таму.

– Општо земено, Турција и Грција се два важни партнери на НАТО и ги повикуваме да продолжат со конструктивен дијалог за да се намалат потенцијалните тензии, рече американскиот генерал.

Коментирајќи ги критиките на Анкара кон САД дека придонесуваат за тензиите, тој рече дека од перспектива на билатералните односи, Турција е исклучително важен партнер на НАТО.

– Ќе продолжиме тесно да соработуваме со партнерите во НАТО, вклучително и Турција, рече Рајдер.

И портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс завчера истакна дека САД продолжуваат да ги охрабруваат Грција и Турција да работат заеднички за одржување на мирот и безбедноста во регионот и да ги решат сите разлики по дипломатски пат без да се креваат тензии во време на криза.

– Треба да останеме фокусирани на тоа што е колективна закана за сите нас, а тоа е руската агресија, рече Прајс.

Агенцијата Анадолија пред неколку дена јави дека Грција го крши меѓународното право и испраќа оклопни возила на егејските острови кои имаат статус на демилитаризирани зони.

На фотографиите што ги објавило турското Министерство за одбрана се забележува како десантни бродови на островите Лезбос и Самос доставуваат воени возила донирани од САД.

Според информациите кои Анадолија ги добила од безбедносни извори, беспилотни летала на Вооружените сили на Турција, кои изведувале летови во Егејското Море, откриле движење и регистрирале два грчки десантни брода на пат кон Лезбос и Самос.

Притоа е откриено дека бродовите на Лезбос, кој има демилитаризиран статус, испорачале 23 тактички оклопни возила, а на Самос 18 тактички оклопни возила. Станува збор за оклопни возила што САД ги испратиле во пристаништето Александруполис.

Безбедносни извори ги опишаа настаните на 18 и 21 септември како најсилен показател дека Грција продолжува да ги вооружува островите во близина на Турција и го крши статусот на демилитаризирани подрачја, наведува Анадолија.

Изворите ги оцениле како неприфатливи овие агресивни акции на Грција, која е сојузничка во НАТО, и како спротивни на меѓународното право и духот на сојузништво.