Главното прашање што го поставува романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски е дали може да се биде среќен без чувства. Големата љубовна приказна меѓу Гоце Делчев и Јанка Каневче започнала кога таа имала дваесет и две а тој дваесет и осум години, и траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, Јанка да се омажи за него, но само ако се родат некакви чувства. Гоце знаел дека ако има чувства, има и среќа. Дали се родиле такви чувства? Приказната на повеќе нивоа ги следи чувствата како суштина на животот, трансформирајќи ја дилемата „да се биде или не“ во максимата „да се чувствува или да се умре“. Во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва за Гоце и Јанка, за тајните средби, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите од загубата на саканиот и за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во душата и она што го живее како судбина.
Романот „Ако се родат некакви чувства“ не е само уметничка проза, не е ниту зборник, ниту фељтон, ниту историски запис, ниту поема, ниту само реконструкција на една љубов туку сето тоа заедно – магија од чувства што го прават човекот одделно и посебно суштество, а Јанка и Гоце се токму тоа – посебни и особени. Романот се чита во еден здив, со воздив и вознес, со восхит и возбуда, чувствително и сочувствително, а тоа е постигнато со вонсериски усет за динамика, брилијантна наративна леснотија и раскошна лексика, пишува Раде Силјан, поет и книжевен критичар.
Во својот подолг текст за романот академик Митко Маџунков меѓудругото пишува дека Блаже Миневски е мајстор-раскажувач а користењето на историската граѓа е нешто на што може да му позавиди секој писател, и тоа е често поважно, или барем исто толку важно како и книжевното мајсторство. Во тој контекст Миневски е македонски Иво Андриќ. Без историската граѓа, Андриќ, на пример, би бил автор на Ex ponto, Знакови покрај патот итн., но не и на Мостот на Дрина и Травничка хроника.
„Во романот „Ако се родат некаква чувства“ на Миневски, Гарибалди има држава што сака да ја пресоздаде, а Македонскиот Гарибалди допрва треба да создаде држава во облаците, дејствувајќи во две веќе постојни, но туѓи држави. Расколот на Македонија е во таа мала разлика, да бидеш Македонец во Македонија Непостојна, Македонија од Соништата, или да бидеш некаков Македонец во туѓа држава што веќе постои. Во таа смисла трагичната судбина на Македонија целосно се совпаѓа со трагичната судбина на Гоце – да ја прифатиш смртта како судбина, а идеалите и љубовта да им ги оставиш на други во аманет. А аманетите, идеално гледано, дури и кога се исполнуваат, се само бледа сенка на живиот живот и на вистинската љубов, кои, дури и да се случат, ќе се случат во друг и непрепознатлив свет. Неговиот аманет упатува на чувствата, на тоа дали се родиле „некакви чувства“ по чувствата. Според она што го читаме, јасно е дека не се родиле. Должноста е ставена над љубовта, како што и татковината е ставена над животот. Затоа Гоце свесно ја прифаќа неминовноста на судбината, и толку рано и лесно се простува од животот и љубовта а од тоа треба да екнат сите седум неба. Едип го одвраќаат да не трага по вистината; Гоце го советуваат да не оди за Банско. Но дали може да се одложи патот за небиднината? Тука има толку детали, толку мајсторска големина.
На пример, трагите на прегратката врз фустанот на вереницата спаѓаат во најпотресните сцени во романот, како и моментот кога Герџиков останува пред неминливата граница, кога се носат коските на Гоце од една во друга туѓина. Како мајстор-раскажувач, Миневски брилијантно се справува со материјалот; сѐ е тука и секој може да земе што сака, колку му треба и за што му треба“, заклучува академик Митко Маџунков.
„ Биографиите и фељтоните, а со нив и историите, им се обраќаат на читателите од сите идни времиња, но фикцискиот Гоце Делчев му се обраќа, исклучиво, на своето „Јас“! На тој начин таквиот Гоце Делчев е сѐ она што не можел да каже (што не кажал) историскиот Гоце Делчев“, констатира проф. Д-р Весна Мојсова-Чепишевска во својот есеј за романот. Во негов, пишува таа, со голема умешност е засведочената љубовта меѓу Гоце и Јанка Каневче, која авторот ја споредува со големите, познати љубови, некои и трагични, неостварени, страсни – како онаа на Гарибалди и Анита, Пушкин и Натали, Достоевски и Суслина, Флобер и Лујза Коле, Сартр и Симон де Бовоар, Есенин и Исидора, Кафка и Милена, Чехов и Олга…
„Во нашата колективна меморија која е важна за македонскиот идентитет, приказната за Делчев и Каневче има, или треба да има, значење какво што имаат големите љубовни приказни во другите култури. Зошто? Затоа што преку оваа приказна, во нашата колективна меморија можат да живеат и други, важни димензии на личноста на Делчев, кои ги нема во историските читанки. Ако го прифатиме мислењето дека историографијата „не е ништо повеќе од процес на создавање фикција“, а историскиот текст „не е ништо друго освен литературен артефакт“, тогаш историјата не треба да се чита како непристрасен знак на настаните што ги изнесува, туку како симболичка структура или проширена метафора. Во таа препорака лежи импулсот за потребата од нови теми во современата македонска книжевност, тотално ослободени од локалното, односно регионалното и националното, како и потребата за поширока рецепција надвор од нашата книжевна средина. Во тој простор на слобода е создаден антологискиот роман „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски“, подвлекува проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Романот „Ако се родат некакви чувства“ е ремек-дело на македонската книжевност, фасцинантна метафикција со автентична структура и раскажувачка постапка, смета д-р Марина Мијаковска, писател и книжевен теоретичар. Врз фонот на историските факти како предлошка, преку љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче, Миневски создава приказна во чиј центар се чувствата. Пајажината на нарацијата се плете меѓу фактографијата и фикцијата, колективното и индивуалното, историјата и стварноста, минатото и сегашноста. Низ призмата на трите женски ликови: Бадема како хигиеничарка на историјата, Мамаја како колекционерка на историјата и Фила како анулирана историја, авторот создава епохален роман на сублимирани емоции и жестоки чувства. Пред нас е книга што секој човек со вистински емоции мора да ја прочита и да ја има во својата библиотека, подвлекува Мијаковска.
Во својот осврт за романот „Ако се родат некакви чувства“, Бранко Ставрев, режисер и писател, пишува за иронијата, за сарказмот, за чувственоста и безчувственоста, за документарното, фиктивното, болното, оригиналното и фалсификуваното како уметнички котви на приказната:„Прашањето со кое читателот ја затвора последната страница на книгата е зошто Гоце татковината што ја милува и несудената мајка на неговите неродени деца, во кои е смртно вљубен, му ги доверува на својот најдобар другар? (Михаил Герџиков, бугарски револуционер и анархист кој пет години по смртта на Гоце ќе се ожени за неговата свршеница Јанка) Да не се уплаши Гоце од помислата дека може да биде убиен, па едната и другата негова љубов, татковината и мајковината, да бидат испоганети од плипот никаквеци кај кои не се родило никакво чувство никогаш. Главен херој на овој роман во исчекување е самиот Писател, во чија креативна работилница сѐ се одвива пред очите на Читателот. Останатите ролји со огромен успех ги исполнуваат видливата хигиеничарка Бадема, која е задолжена просторот да го преуреди во Чистилиште, невидливата Фила, која романот го прислушкува од надворешната страна на ѕидовите, правнуката на Јанка, психијатрискиот терапевт Мамаја, со која Писателот општи електронски и заедно градат “платформа за психолошки активизам“ (анализа на чувства, стрес, анксиозност, биполарно растројство, шизофренија), Главниот уредник на весникот кој треба да го издаде фељтонот и кој одредува колку вистина ѝ е потребна на вистината и колку фикција е дозволено да ѝ се приопшти на јавноста, за новите главатари на власта да не венеат во сенката на избрканите од свечената песна. Романот „Ако се родат некакви чувства“ е раритетно книжевно дело родено во име на љубовта: Гоцевата, Јанкината, но и Џојсовата, Толстојевата, Пушкиновата, Љермонтовата, Балзаковата, Бајроновата, Гетеовата, Мајаковсковата, Томасмановата, Есењиновата, Гарибалдовата… чии сенки сноват низ лавиринтите на големиот мајстор на зборот Блаже Миневски“, пишува Ставрев.
Романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски, посветен на љубовната одисеја на митскиот херој на македонската национална и духовна револуција Гоце Делчев и неговата љубена Јанка Каневче, има значење на тектонски удар во историјата на љубовниот роман. Тоа е роман за невозможната љубов во време кога „Македонија е спрострена на небото како пациент на болничка маса“, и затоа Гоце, претчувствувајќи го сопствениот крај, одлучува да му каже на својот најверен пријател Михаил Герџиков: „Ако се родат некакви чувства, вие со Јанка изградете љубовно гнездо, бидејќи јас сум пред венчавање со Македонија во бескрајните предели на Подземната република“, пишува Јордан Плевнеш, писател и професор, во својата анализа на романот.
„Токму со овој роман Македонија може да отвори сеф во центарот на светот под наслов „Бесценетото богатство на возвишената љубов.Евангелистот Јован Богослов вели дека Бог е Љубов и Македонија е Љубов, ако не биде прифатена како Љубов, Балканот никогаш нема да биде цивилизација. Романот на Миневски може да биде повод да се достави барање до Интернационалната комисија за номинација на астериоди од типот „Амор“, еден астероид да го носи името Гоце Делчев и Јанка Каневче, во близината на веќе именуваните Малиот принц, Дон Кихот, Моби Дик… Со тоа, оваа возвишена љубов ќе остане вечно во планетарниот систем и ќе потсетува на таа единствена и неповторлива одисеја“, пишува Плевнеш.
Романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски е носител на наградата „Рациново признание“ за 2023 година а деновиве излезе од печат второто издание на романот како своевидна „женска верзија“ на приказната за љубовта на