Пишува: Блаже Миневски

Пред 79 години, на 11 октомври 1941 година околу 22 часот, група од 16 комунистички активисти го нападнала бугарскиот полициски участок и затворот во Прилеп, прекинувајќи дел од телефонските врски и електричната инсталација. Во акцијата Душко Наумоски го убил Петар Колев, стражар на участокот во Прилеп, пријател на татко му, мобилизиран Македонец од село Смилево, родител на три малолетни деца! Душко го искористил фактот што Петар го знаел како син на пријател па се приближил и го убил од ’пријателска дистанца’. По војната, четири години подоцна, овој исклучително ’храбар’ чин на дваесетгодишното момче од Прилеп бил прогласен за настан од историско значење, односно денот кога Македонец, комунистички активист, убил Македонец, мобилизиран стражар, останал да се празнува како Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ, државен празник со државна награда од највисок ранг. Единаесетти октомври за државен празник на Македонија е прогласен со закон донесен на 8 септември 1945 година, на седница на Президиумот на Народното собрание, со образложение  „за да се прослави споменот на оној ден кога пукнаа првите востанички пушки против фашистичките завојувачи и нивните слуги“.

Ти ли си Душко Наумоски?

Душко Наумовски

Според прилепчанецот Миле Алимакоски, кој во 1952 година, единаесет години по настанот, под покровителство на Сојузот на борците од НОБ, ја издава својата книга „Од дневникот на Прилеп“, Душко Наумоски тргнал во акција наоружан со пиштол и две бомби: „Душко одеше напред, а по него двајца стрелци и по нив уште двајца бомбаши. Се се одвиваше по приготвениот план. Кога стигнаа кај офицерскиот дом, бомбашите поминаа низ дуќаните на бавчаџиите и се привлекуваа накај участокот. Кога дојде до половината на мовчето, чу остро: ’Стој!’ Душко немаше што да прави. Застана. Стражарот од пред участокот го погледна, и рече: ’Ти ли си Душко Наумоски?’ Душко замрзна на место. Умот грозничаво му работеше, а срцето лудо му биеше: ’Јас идам да го убивам а тој ме препознава… Да не знае и зошто идам!?’ – му севна во главата. ’Да, јас сум тој!’ Стражарот му кажа дека татко му го барал во полицијата. Душко сосема се ослободи. Значи татко му, кога видел дека го нема да се врати цел ден, отишол в полиција да го пријави, кажувајќи го точниот опис. Ете како го познал полицаецот, бидејќи Душко беше облечен во кусо кожено палто, брич панталони а на главата имаше каскет. ’Врви!’, извика стражарот. Душко тргна кон него. Десната рака му беше во џебот од капутчето (капутче или кусо кожено палто?!), прислонета на орозот од полниот пиштол, готов да дејствува. Но во тој момент од хотел ’Солун’ излегоа неколку заостанати посетители. Душко го смени правецот и тргна кон поштата. Застана во темнината. Време беше да дејствува. Душко тргна назад кон участокот. Стражарот го забележа од далеку и му стана сомнително неговото враќање. Душко му објасни дека му било страв да се врати сам дома (му објасни!?), мрморејќи уште нешто неразбирливо. Се приближи на три метри до стражарот – брз покрет на десната рака и пиштолот беше уперен во градите на стражарот. Стражарот се обиде да ја симне пушката од рамо и да се брани, но… испалените два куршума од пиштолот на Душко го спречија а веднаш потоа уште два метка од пушките на стрелците го погодија стражаревото тело кое беше во пад. Веднаш потоа згрмеа и бомбите… Задачата беше извршена. Групата брзо тргна кон зборното место… Групата што беше определена за затворот го чекаше пукотот на участокот. Таа чекаше во тесната улица кај Љамевци, улица паралелна со затворската улица…“

Во продолжение на записот за 11 октомври, Алимакоски пишува: „Уште през ноќта се направи блокада на градот, и се ухапсија преку 1500 души од кои поголемиот дел ги претепаа… Партиската организација на Прилеп го оправда доверието на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, раководен од Лазар Колишевски, и остана доследна на правилната линија на  ЦК КПЈ, раководена од Тито.“ Сепак до тој 11 октомври 1941 година што го „оправда доверието“ на правилната линија на ЦК КПЈ, раководена од Тито, во Македонија веќе имало неколку организирани вооружени акции против окупаторот. Во мај 1941 година, под раководство на Методија Шаторов – Шарло била организирана воена обука, а биле извршени и повеќе диверзантски акции. На 2 јуни 1941 година група младинци извршиле диверзантска акција со која бил уништен германски авион; на 12 јуни истата година бил запален и еден германски камион а на 22 август бил формиран Скопскиот партизански одред кој веднаш извршил вооружена акција во која бил нападнат Пиротехничкиот завод во Ханриево, сегашно Ѓорче Петров. Подоцна, на 8 септември 1941 година, Лазо Колевски убил бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, а Боро Петрушевски во Скопје – бугарски војник. Еден месец подоцна, на 7 октомври, бил извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков во Скопје, при што загинува Благоја Деспотовски – Шовељ. Следниот ден, на 8 октомври, Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец…

И покрај сето тоа за почеток на востанието против фашизмот се зема акцијата во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Во првата група учествуваат командирот Аспарух Јосифоски, Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски; во втората командирот Никола Попоски, Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубини и Душко Ристески, а во  третата група командирот Мице Димески, Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски.

„Досега нема заклано ни кокошка!“

За Коце Солунски, борец и хроничар на НОБ, првиот истрел во Прилеп, и убиството на мобилизираниот стражар Петар Колев од Смилево ќе се случел два часа порано доколку сатницата за нападот не била поместена за 22 часот поради дезертирањето на Методија Пишман, еден од комунистичките активисти кој побегнал пред да започне акцијата: „Возбудата расте. Уште не е време за тргнување. Одложено е за два часа подоцна. Додека другите сакаат да разберат дали Пишманот ја има провалено акцијата, Душко размислува како ќе ја изврши несекојдневната задача. Досега нема заклано ни кокошка. Нема убиено ништо. Има вежбано да ракува со револвер, но како ќе биде сето тоа во пракса. И дојде часот: ’Другари, полицијата во градот не е известена дека ќе напаѓаме… Значи, Душко, точно во 10, кога ќе чукне градскиот саат, ти ќе го чукнеш стражарот, и твое е само тоа. Не да прифаќаш и да водиш борба, туку како знаеш да се спасиш, да си дојдеш на зборново место овде…’

Слегуваат по тесна патека, покрај обрани тутуни. Влегуваат во градот по споредни сокаци. Поодуваат покрај коритото на реката Дабничица… Душко е оддалечен два метра од стражарот. Сега! Меѓутоа, Душко го одминува стражарот. Сака да ја изврши задачата прецизно. Речено му е точно во 10 да пука. А еве градскиот саат уште не чукнал. Неговите другари што го следат во мракот заборавија на тој момент. Тие се разочарани. Некои од нив помислуваат можеби Душко е поколебан. Се уплашил. Не знаат што да прават. Дали самите да отпочнат со пушки и бомби. Дилема и гнев. Се уште го следат движењето на Душко. Тој одеднаш се завртува назад и со порешителни чекори еве пак се доближува до стражарот. Удира градскиот саат 10. Душко е на еден чекор (?!) до стражарот. Нешто како да проговори со него, и в миг ја вади раката со револверот од капутчето(?!). Кажипрстот го повлекува орозот. Тишината е распарена, стражарот паѓа со престрашен крик. Душко одминува. Се стопува со темнината. Другарите стрелаат во прозорците и на вратата на участокот. Се слушаат пукотници од кај затворот. Од кај кафаните притрчува полицаец кон участокот. Една пушка е нанишанета во него. Куршумот е отстрелан. Застреланиот паѓа на калдрмата, не стигнува до участокот… Востанието е огласено. “

Во декември 1961 година, дваесет години по овој настан, односно по истрелот пред участокот и убиството на стражарот Петар Колев од Смилево, Душко Наумоски загинува во сообраќајна несреќа како директор на Битолскиот театар.

  

Крсте Црвенковски за настаните по 11 октомври 1941 година:

Првиот одред го доби името „Гоце Делчев“!

Во врска со вооружената акција на 11 октомври 1941 година постојат повеќе контроверзи, меѓудругото и  тоа дека била прво стриктно договорена, па откажана од страна на Покраинскиот комитет… Според Крсте Црвенковски,   месниот комитет веќе беше донел одлука за почеток на акцијата на 11 октомври, па тој на 10 октомври вечерта излегол во партизани:

„Според мене пресудна беше решителноста на Вера Ацева. Таа цврсто остана на ставот да ја извршиме акцијата и покрај писмото од Покраинскиот комитет за нејзино одложување. Кога ја извршивме акцијата, во градот се крена потера со големи воени и полициски сили, така што не успеавме сите да дојдеме до местото од каде што тргнавме. На 23 октомври, со една посебна церемонија, со давање заклетва, се оформи штабот на одредот кој го доби името ’Гоце Делчев’. Јас станав политички комесар на одредот. Меѓутоа, наближуваше зимата и некаде во декември дојде на состанок во Прилеп истакнатиот револуционер Страшо Пинџур. Во селото Варош, во присуство на тогашниот секретар на Општинскиот комитет на Партијата, Пенко Здравковски, имав разговор со Пинџур. Тој ми кажа за одлуката на Покраинското раководство одредот да се расформира и луѓето да се распоредат. Тоа е во почетокот на декември. Организацијата во Прилеп, која беше моќна, можеби и најмоќна во Македонија, имаше многу слабо влијание во селата и не можеше луѓето таму да се распоредат. Битолската организација имаше организирана мрежа ќелии па добар дел од одредот отиде во битолските села.“

Пред истрелот на Душко Наумоски кај участокот:

Стражарот сепак успеал да каже дека татко му цел ден го барал по градот!

Според новинарот и публицист Јован Поповски, кој почина пред седум години на 96 – годишна возраст, а кој меѓудругото го имаше истражувано и настанот во врска со „првата пушка“ во Прилеп од 11 октомври 1941 година, Душан  Наумоски со неколку комунисти се приближил до полицискиот участок,  двајца од придружбата се скриле под мостот на суводолицата, а Душко тргнал кон участокот. Стражарот пред участакот му викнал да застане и го прашал: „Да не си ти Душко Наумоски“? Душко му одговорил: „Да“. Стражарот го прашал кај бил досега, татко му го барал цел ден, а Душко му рекол дека бил во Варош на нижење тутун. Во тој миг од соседната кафеана излегол некој бугарски агент во балон мантил, Душко го препознал агентот и тргнал кон поштата. Кога агентот отишол по некои попречни улички, Душко се вратил и го убил стражарот. Тогаш припукале и под мостот скриените комунисти. По оваа акција, партизаните го напуштиле Прилеп, а Душко „го фатила крвта“, како што пишува Поповски, паднал болен, па другарите биле принудени да го сместат во некоја селска куќа…

„Како дописник на белградска ’Политика’, се одлучив да направам разговор со Душко Наумоски. Во Битола седев неколку дена, Душко упорно молчеше, упатувајќи ме на Вера Ацева, Крсте Црвенкоски и на Лилјакот. Сепак, по неколку дена проговори. Од тој разговор во „Политика“ објавив неколку страници и по многу други истражувања беше напишана книгата „Човекот од првиот чин на историјата“. Таа романизирана биографија никој не сакаше да ја објави. Душко почина во сообраќајна несреќа. По несреќата, татко му на Душко, Сотир, дошол од Прилеп во Битола да ги земе посмртните останки и да ги погребе во гробот на мајка му во Прилеп. Пред да тргне поворката, еден сосед на Душко, кој што имал Партизанската споменица и многу ордени, запрашал каде се ордените на Душко. Сопругата му рекла дека Душко нема ни медал, па соседот ја зел својата Споменица и ордените ги поставиле на едно перниче и биле носени на чело на поворката. Кога во Прилеп го спуштиле Душко во гробот соседот си ги зел ордените…“,  пишува новинарот Јован Поповски во својот запис објавен непосредно пред смртта во 2012 година, барајќи претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов да ја исправи  ’историската неправда’ и ’постхумно да го прогласи за народен херој’, затоа што го истрелал првиот истрел и го објавил почетокот на Народноослободителната војна на Македонија.