Пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп се одржа централното чествување за 10-те прилепски бранители кои точно на денешен ден пред 24 години беа убиени при заседата на армискиот конвој кај Карпалак, на патот Скопје-Тетово.

Бројни државни делегации, роднините на загинатите, здруженија и граѓани положија свежи цвеќиња и се поклонија пред споменот на загинатите херои.

Градот честуваше и со тага се сеќава на 10-те загинати бранители: Горан Миноски, Сашо Китаноски, Веби Рушидоски, Бранко Секулоски, Љубе Грујоски, Нане Наумоски, Ердован Шабаноски, Марко Деспотоски, Пеце Секулоски и Дарко Вељаноски.

Сеќавањата не бледнеат, а пораките се посилни, Карпалак е рана, но и завет, рече прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.

-Завет дека Македонија ќе биде држава на правда, на мир и на достоинство. Завет дека нема да има повеќе поделби и омраза. Завет дека нашето минато ќе нè учи, а не да нè разделува. Семејства на загинатите херои – не сте заборавени. Вашата болка е болка на цел Прилеп. Вашето достоинство е сила за сите нас, рече Јовчески на одбележувањето.

Според заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој беше и учесник на настаните, Прилеп и Македонија ги чествува нивната храброст, жртва и идеал.

-Овој ден е силно врежан во моите мисли, кога заедно со повеќе од 100 резервисти бевме сведоци на ужасот кој им го одзеде животот на моите соборци кои загинаа во одбрана на нашата татковина. Овие луѓе се големи херои на Македонија, но тие беа и наши сограѓани, нашите соборци, наши синови, татковци, сопрузи… Тие беа подготвени и ја дадоа најголемата жртва за нашата татковина, нешто што никој од нас ниту смее, ниту може да го заборави, рече Ристески.

На загинатите денеска им беше оддадена почит и пред спомен-обележјето на месноста Карпалак. Јордан Трајкоски од здружението на резервните воени обврзници од Прилеп искажа разочараност и револт што и по 24 години нема достојно спомен обележје на месноста каде се случи една од најголемите трагедии во поновата македонска историја.

-И денеска го најдовме истото место без никакво достојно одбележје. Ние секоја година го повторуваме истото барање и наидуваме на еден куп ветувања дека ќе има споменик, ваков ќе биде – таков ќе биде, а помина 22 години откако првпат дојдовме во 2003 година, и е без достојно спомен-обележје. А, освен тоа, досега не се остварени правата на бранителите, рече Трајкоски од здружението на резервните воени обврзници од Прилеп.

Во рамките на чествувањата изутрината беа посетени вечните почивалишта на загинатите бранители во Прилеп и во населените места, а синоќа почит им беше оддадена и пред спомен обележјето во прилепската касарна.

МИА