Со концертот на Андријана Јаневска, што ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во центарот на Пустец, Мала Преспа, почнува традиционалната манифестација „Македонско културно лето“.
Организатор на оваа значајна манифестација е Здружението „Сонце“ – Скопје.
– Поради новонастаната состојба со пандемијата со Ковид-19 бевме принудени да направиме измени на претходните планови за ова 13-то издание на фестивалот „Македонско културно лето“. Се потрудивме да ги спроведеме и почитуваме новите мерки и правила на однесување, како што се физичко растојание и заштита на здравјето, велат организаторите.
Додаваат дека поаѓајќи од важноста од одржувањето на фестивалот во континуитет и покрај време на пандемија, одлучиле театарските претстави да ги заменат со концерти на отворено кои овозможуваат поголема безбедност со почитување на мерките за физичко растојание, што пак подразбира драстично намален број на посетители.
Фестивалот „Македонско културно лето 2020“ ќе трае до седми август, а сите настапи кои почнуваат во 19 часот ќе бидат на плоштадот во Пустец.
Неговото одржувањето годинава е поддржано од Министерството за култура, градоначалникот на Град Скопје, компанијата „Кромберг и Шуберт“, градоначалникот на општина Пустец и ЕВН Македонија.