Албанскиот национален авиопревозник Ер Албанија првиот лет ќе го има во првата недела од септември.
Тоа го соопшти албанскиот премиер Еди Рама, кој постираше и фотографии и видео запис околу последните подготовки пред почетокот со работа на компанијата.
Првото пробно полетување ќе биде на 31 август.
Станува збор за авион ербас 319 кој ќе лета на релација Тирана – Истанбул и обратно. Потоа ќе бидат ставени во употреба и два авиона ербас А320 што ќе услови намалување на цените на авионските билети.
Албанската авиокомпанија Ер Албанија беше формирана во ноември минатата година со помош на Туркиш ерлајнс. Таа поседува 51 отсто, додека турската авиокомпанија 49 отсто од акциите.
Тогаш Рама, кој, лично беше вклучен во формирањето на авиокомпанијата, најави дека ќе се воспостават летови од Тирана до Скопје, Подгорица, Приштина, Сараево, и Загреб. Тој искажа голема благодарност до претседателот на Турција и на извршниот директор на Туркиш ерлајнс, што, како што рече „ни обезбедија таква скапоцена помош“.