Во Штипската болница починала 55-годишната штипјанка Ругмин Хусеинова, иако претходно имала пет негативни тестови.
– Мајка ми ја погребавме како почината од ковид-19. На Инфективно три дена ја третирале како болна од коронавирус, а сите пет тестови што ги направиле биле негативни. Таа имаше малаксаност и беше поспана. Матичниот доктор ни даде упат за Инфективно, каде ѝ беше измерена телесна темпаратура од 36, 1, ама кога веќе сум ја донел рекоа дека ќе ја примат како да е заразена од коронавирус и така ќе ја третираат, вели нејзиниот син за порталот СДК.
Тој се сомнева во дијагнозата. Од Центарот за јавно здравје, за порталот СДК изјавиле дека белодробната пневмонија се третира како коронавирус и причината за смртта се смета како да е од ковид-19, а од Клиничката болница рекле дека пациентката била во сериозна состојба каква што ја имаат болните од коронавирус.
– Пациентката имаше кашлица, масивна пневмонија и сатурација од 40 проценти што се карактеристични симпотоми за пациенти со ковид-19. Беше поставена на кислородна поддршка, дадена е антибиотска, антикоагуларна и витаминска терапија, но и покрај адкватниот третман, пацентката заврши со летален исход, соопштија од Клиничката болница во Штип.
Како што објавивме, пред неколку дена, во истата болница почина и 41-годишна жена од Берово, а нејзината ќерка објави дека мајка и пред да почине молела за кислород што не го добила. Таа во неколку свои објави, упатени до министерот Венко Филипче преку социјалните мрежи, детално пишуваше за овој случај.
Деновиве, исто така, на социјалните мрежи и во некои медиуми се ширеше видео од истата болница во која пациент моли за вода.