Пет лица кои се меѓу осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се во КПУ Скопје, познат како затворот Шутка.

Директорот на затворот, Бобан Утковски во телефонска изјава за Курир потврди дека осомничените во затворот се донесени вчеравечер.

-Пет лица се донесени синоќа, извршени се лекарски прегледи, запазени се сите процедури при нивниот прием, кусо одговори Утковски за Курир.

Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и екс директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски се меѓу осомничените кои се во Шутка.

Судијата на претходна постапка им одреди „краткотраен притвор“ од 48 часа на поранешниот министер за економија Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и на уште 12 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

-Судот во Кочани го прифати барањето на обвинителството по предлогот за определување мерка краткотраен притвор за сите 14 осомничени лица. Изречена е мерката краткотраен притвор во траење од 48 часа, информираа од Основниот суд Кочани.

Како што дополнуваат, Судот постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој починаа 59 лица, а над 155 се повредени.