Денеска се навршуваат шест години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Куманово се сеќава на 9 и 10 мај 2015-та година. Жителите на населбата „Тоде Мендол“ или популарното „Диво насеље“, денеска веќе живеат нормален живот исполнет со предизвици предизвикани од пандемијата и тековните животни радости и проблеми. Во уличката каде се водеа борбите остана да сведочи  една куќа која сè уште има вдлабнатини од куршумите. Останатите куќи веднаш по настанатите, беа реконструирани.

– Соживот имаше и пред и по настаните од „Диво Насеље“. Одевме на свадби, семејни веселби, ќе продолжиме да одиме штом заврши пандемијата, но тоа што се случи не смее да се заборави, сепак, соживотот во нашата мултиетничка средина мора да продолжи. Нашите татковци живееле заедно, ние, а во иднина и нашите деца-велат граѓаните на „Диво Насеље“.

Тоа утро на 9-мај 2015 година, никој од кумановци нема да го заборави, секој со својата приказна. Пукотниците се слушаа од раните утрински часови, во тој дел од Куманово се гледаше густ црн чад. Дел од „Трета МУБ“ целосно беше затворен за сообраќај. Жителите кои живеат накај „Тоде Мендол“ раскажуваа дека почнала војна. Хеликоптери го надлетуваа Куманово, работници не можеа да отидат на работни места. Градот занеме. Овој трагичен настан во кој животите ги загубија осум припадници на македонските безбедносни сили ги длабоко ги вознемири кумановци. Граѓаните и наредниот ден слушаа рафали, се гледаше црн чад. Престрелките со различен интензитет траеја 28 часа.

Во оружената престрелка покрај осумтемина припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Два дена градот живееше во неизвесност и страв. Исклучително трагичниот настан засекогаш ќе остане во сеќавање на кумановци.

Денеска, во Соборниот храм „Свети Никола“ во организација на група бранители од Куманово ќе се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили, Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Диво насеље“, со што бројот на обвинети се зголеми на вкупно 37.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво насеље“, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Пресудите подоцна ги потврди и Апелацискиот суд во Скопје.