ТИРЗ Тетово склучиле договор за јавно-приватно партнерство, кој ќе трае 61 година повеќе од дозволеното.
По 10 години, како што објави ТВ Телма, Државниот завод за ревизија (ДЗР), конечно, направи контрола на работењето на Технолошко индустриските развојни зони.
Во извештајот на ревизорот се наведува дека ТИРЗ Тетово наместо на 35, договорот со приватниот партнер го склучиле на 96 години.
„Врз основа на Одлука од Владата на РСМ со ЈПП основана е ТИРЗ Тетово, при што договорот за ЈПП со приватниот партнер е склучен на 96 години, иако со законската регулатива е определено максималниот период да изнесува 35 години, сметано од денот на склучување на договорот. Дирекцијата во ТИРЗ Тетово има распоредено 7 лица, при што истите немаат работни обврски и не извршуваат активности поврзани со реализација на договорот за ЈПП, ниту се членови во наведената стручна единица , чија задача е да врши надзор и да помага во обезбедувањето на успешна имплементација на проектот. Овие состојби влијаат на законитоста и регуларноста на склучувањето на договорот за ЈПП и следење на неговата реализација“, се вели во ревизорскиот извештај.
Договорот за концесија на Тетовската економска зона е склучен во јануари 2013-та со конзорциумот „Нормак“, составен од 4 норвешки и една американска компанија. Во извештајот се наведува и дека освен што е отежната контролата, не се овозможува и целосен увид за доделувањето на државната помош по корисник во земјава.
„Доделувањето на државната помош е регулирано со комплексната законска регулатива, при што со ревизијата е констатирано дека одредени правни одредби не се прецизни, не се донесени подзаконски акти, а распределените надлежности во неколку државни органи, ја отежнуваат контролата и координацијата и не овозможува целосен увид во вкупно доделената државна помош по корисник во државата“, стои во извештајот.
Констатирано е и дека државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, односно со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на индивидуалната помош.
Најмногу државна помош е исплатена во 2021-ва година, околу 24,5 милиони евра. Половина од овие пари се директна помош за компаниите, половина се царински и даночни олеснувања за инвеститорите во слободните економски зони.
Со извршената ревизија и анализа на Годишните програми на Владата во периодот од 2017 до 2022 година, констатирано е дека активностите за привлекување на странските инвестиции во овој период не се вклучени во стратешките приоритети на Владата и за истото не е донесена Стратегија за привлекување на инвестиции, како што предвидува Законот.
Целиот текст на ТВ Телма може да го отворите ТУКА.