Од кинескиот град Вухан, центарот на епидемијата на коронавирусот, со воени авиони од различни земји се евакуираат странските државјани, кои веднаш по слетувањето се прегледуваат и упатуваат во двонеделен карантин.

Во меѓувреме, се поголем број авиокомпании ги прекинаа летовите кон градот.

Во исто време, Кина со чартер летови ги враќа од странство граѓаните на провинцијата Хубеи, каде што има најмногу заразени.

Во Франкфурт синоќа слета авион од Вухан со 128 патници, претежно германски државјани, кои двонеделниот карантин ќе го поминат во воена база.

Авион на турската армија слета во Анкара од Вухан со 42 лица, од кои 32 се турски државјани, а останатите се државјани на Албанија, Грузија, Бугарија и Азербејџан.

Како што пренесе Анадолија, пристигнати се и 17 членови на екипажот и сите ќе бидат префрлени во болница каде ги поминат наредните две недели заради претпазливост.

Франција исто така ги евакуира своите државјани, а првата група стигна во петокот.

Од Вухан денеска треба да полета и авион со италијански државјани, кои по слетувањето во Рим ќе бидат упатени во карантин во воена база, најави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо.

Руската војска почнува евакуација на своите државјани од Кина во понеделник и вторник, јави агенцијата ТАСС.

Стотина државјани на САД и Јапонија веќе се евакуирани од Вухан.

Пентагон го одобри барањето на Министерството за здравство за помош за сместување околу илјада луѓе кои ќе бидат во карантин по пристигнувањето од странство.

Во случај на потреба одредени се четири воени објекти, два во Калифорнија и по еден во Колорадо и Тексас.

Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Индонезија, Велика Британија, Индија и Малезија исто така планираат да ги евакуираат своите граѓани од Кина.

 

Авионите веднаш по слетувањето се чистат со специјални хемикалии кои треба да ги отстранат сите можности за пренесување на овој вирус.

Бројот на починати од коронавирусот се зголеми на 305, а регистриран е и првиот смртен случај надвор од Кина – на Филипините, каде што почина кинески државјанин (44) од Вухан, од тешко воспаление на белите дробови.

Појавата на вирусот е потврдена во повеќе од 25 земји во светот, а бројот на заразени се зголеми на 14.300, пренесува Си-Ен-Ен.

Најголем број починати и заразени има во провинцијата Хубеи и главниот град Вухан,  каде што се појави вирусот.