Во тајванскиот главен град Тајпеј привршува изградбата на „извртената зграда“, уште позната и како „лебдечка шума“, поради 25-те илјади дрвја и растенија поставени на балконите.

Зградата од 21 ката има облик на спирала, со цел сите станови да можат да добијат доволно количество сончева светлина. Изградбата започна во 2013 година и траеше речиси пет години.

Автор на градбата е фирмата Тајван Комагаи, а дизајнирана е од реномираниот белгиски архитект Винсент Калбо кој вели дека зградата ќе „јаде“ значително количество од смогот од воздухот над тајванскиот главен град. Бројот на дрва засадени на зградата е приближно еднаков на бројот на дрва во њујоршкиот Централ парк.

Неколку од становите во зградата се нудат на продажба за суми до 30 милиони долари, што е меѓу највисоките цени во целиот пацифички регион. Најлуксузните станови имаат сопствени лифтови кои ќе можат да соберат дури и автомобил.