Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија денеска негираше дека нападнала затвор во Јемен, управуван од бунтовниците, при што вчера загинаа најмалку 70 луѓе.
Информациите за нападот врз затворот во Саада, на север, се неосновани, посочува портпаролот на коалицијата. Коалицијата ја презеде вчера одговорноста за нападот врз Ходеида, на запад. Коалицијата, која воено интервенира во земјата разорена од војна од 2015 година, вели дека исклучително сериозно ги проверила информациите пред да заклучи дека се неосновани, рече портпаролот, генерал Турки Ал-Малки, кој ги обвини хутите за ширење дезинформации.
Саудиска Арабија ја предводи коалицијата на муслимански земји, вклучително и Обединетите Арапски Емирати, кои им помагаат на јеменските владини сили да се борат против бунтовничките хути поддржани од Иран.
Демантирајќи ја веста за бомбашкиот напад во затворот, коалицијата во соопштението рече дека не е „на списокот на забранети цели според механизмот одобрен од Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во Јемен“ (OCHA).
Затворот во Саади, упориште на бунтовничките хути на северот, беше бомбардиран среде ноќ, при што загинаа 70, а се повредени 138 луѓе, соопшти невладината организација Лекари без граници. Бројот на загинати најверојатно ќе биде уште поголем бидејќи потрагата под урнатините се уште трае, додаваат од Лекари без граници.
Засега не се знае кои се затворениците и колку има. Но, осум невладини организации, меѓу кои Action contre la Faim, Oxfam и Save the Childred, во заедничка изјава рекоа дека се мигранти.