Повлекувањето на Русија од северот на Украина е само ротација на војници со цел измама, тврди украинската армија, пишува Гардијан.
Генералштабот на украинските вооружени сили синоќа го објави својот најнов разузнавачки извештај, во кој се тврди дека руските трупи продолжуваат да се повлекуваат од територијата на Киев и Чернигов во северна Украина, но дека тоа е само „ротација на одделни единици“ со цел да се измами военото раководство на Украина, според британскиот весник.
Во извештајот се прецизира дека, „според некои разузнавачки информации, рускиот непријател ги прегрупира единиците за да ги насочи своите главни напори кон исток“.
Исто така, се наведува дека „истовремено, таканареченото „повлекување на војниците“ е веројатно ротација на одделни единици“, чија цел е „да се измами военото раководство на вооружените сили на Украина и да се создаде заблуда дека окупаторот се откажува од планот за опколување на градот Киев“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека украинските војници повторно ја заземаат територијата околу главниот град и ја потиснуваат руската армија.
– Нашите бранители напредуваат во регионот на Киев, враќајќи ја контролата над украинската територија, рече тој.
Тој го пофали и враќањето на Ирпин под контрола на Украина.
– Ирпин е ослободен. Браво! Благодарен сум на сите што работеа на овој резултат. Окупаторите се оттурнати од Ирпин. Оттурнати од Киев. Сепак, рано е да се зборува за безбедноста во овој дел од нашиот регион. Борбите продолжуваат, рече Зеленски.
Украинскиот претседател рече дека руските војници продолжиле да ја контролираат областа северно од Киев и ќе продолжат да напаѓаат иако „стотици и стотици единици непријателска опрема се изгорени и уништени“ и расфрлани низ областа.