Сведоштво на Пандо Кљашев

„Делчев се зафати да ги исправи работите и тоа прво во Кономлади. Таму имаше подметнувања, крадење, блуд. Селаните од ова село беа добри само во едно: беа храбри и подготвени да помогнат. Делчев детално ги испитуваше сите пороци во селото – кражбите, блудничењето… Целото село разбра дека дошол најголемиот човек, началникот на Организацијата. „Поголем од него нема“. Делчев ги викна селаните кои имаа проблеми, кои сакаа да се пожалат за нешто и на некого, да дојдат кај него. Тогаш првпат се постави начелото судските работи да се решаваат во раководното тело, а на селаните им се забрани да одат во турските судници. Делчев во мое присуство и во присуство на Марко, на Чакаларов, Москов, Стефо Кузов и на Георги Пешков, тогашен битолски раководител – спроведуваше испитувања, донесуваше пресуди кои четата потоа ги реализираше. Делчев беше дојден само со еден другар, Иван Манолев, а четата на Марко броеше 13 души. Луѓето без збор ги извршуваа одлуките на Делчев. Брзо се одлучуваше – најголемото дело за еден час…“,забележал во своите спомени војводата Пандо Кљашев.

Според мемоарите на Никола Петров Русински:

„Гоце Делчев беше врховен судија на Организацијата!“ 

     Во спомените, објавени педесет и пет години по неговата смрт во Скопје, војводата Никола Петров Русински, близок соработник на Гоце Делчев и учесник во Илинденското востание, меѓудругото сведочи за случај кога од страна на селаните бил фатен еден од предавниците на македонското дело а тој како војвода требало да  го спроведе до главниот револуционерен суд со кој раководел Делчев: „Да го убиеме? Тоа и тие самите, без мене, можат да го сторат. Што треба да се направи… Целта ми беше да ги убедам да го одведам пред револуционерниот суд, каде го чекаше Гоце Делчев…Испратив извештај до Окружниот раволуционертен комитет дека дојдов од Охрид со Горанов, и дека треба да дојдат и да го земат. Дојдоа двајца комити и ноќта го одведоа при Делчев. Сите докази му беа дадени на Окружниот револуционерен комиет од страна на Охридската организација, врз основа на која револуционерниот суд донесе пресуда…“

Војводата Славејко Арсов за пресудите на револуционерниот суд:

„Го одведовме на Ниџе Планина и пресудивме!“

„Во Кономлади, Костурско, Делчев беше дал слобода на сите селани да се жалат пред него за сите неволји, дури и против четата…  Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советуваше со раководителите и даваше заклучоци, се соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваа помирувања итн… По шест дена се одржа општо собрание од целото село, во црквата… им се покажа еден нов ред: им се забрануваше да се судат пред турски судови, се забрануваа кражби, блуд, пијанство, се наложуваше послушност спрема селското управно тело… Се усно, не беше напишано во уставот. Се наредуваше да се чува во тајна, што станало во селото и да не се зборува во друго село, ниту да се распрашува. Сето тоа: чета, општо собрание, суд, за мене беше ново… Од Лерин ни пишаа и ни ги посочија предавниците, а ние се помачивме и фативме два-тројца од с. Борешница, меѓу кои и еден учител по име Петар… Го одведовме на Ниџе Планина кај попадиските трла, и таму пресудивме.. И другите се покажаа како непокорни злоупотребувачи и убијци. Признаа, пресудата им се прочита пред 20-тина селани од Попадија и беа казнети на една месност – Маркови кули… Имаше и накажување со тепање, ако некој не сака да го исполни решението…“, пишува војводата Славејко Арсов во своите спомени.