Москва најверојатно ги направила последните подготовки за инвазија на Украина со испраќање армиски медицински дивизии составени од воени лекари и помошен персонал на границата со Украина, соопшти денеска Волстрит џурнал.
Како што пишува изданието, повикувајќи се на неименувани претставници на западни министерства за одбрана, тоа ја става Русија на беспрецедентно ниво на спремност недостигнато во досегашната акумулација на воена сила.
Иако ваквите чекори уште не говорат дека нападот е неизбежен, тие ги засилија споровите меѓу западните сојузници по повод намерите на претседателот на Русија Владимир Путин, истакнува весникот.
Се наведува дека САД и европските сојузници, посебно Германија и Франција, донесуваат различни заклучоци засновани на истите разузнавачки информации.
Во меѓувреме, од Белата куќа соопштија дека канцеларот на Германија, Олаф Шолц, на 7 февруари доаѓа во својата прва официјална посета на Вашингтон, а една од клучните теми во распоредот ќе биде ситуацијата околу Украина.