Со внимание го ислушав интервјуто за бугарски медиум, кое очигледно претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност, каде што Заев несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани, истакна денес на вонредна прес-конференција, Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Оваа вонредна прес конференција ја свикавме затоа што нашата загриженост ја темелиме врз следните негови позиции кои што ги изнесе на самото интервју за овој бугарски медиум. Тој најпрвин тврдеше дека договорот со Бугарија е сосема доволен, во едно мое интервју предупредив дека покрај договорот за добрососедство постои барање од страна на бугарските власти за потпишување на нов договор или анекс на тој договор, со кој ќе се допрецизираат барањата или да бидам попрецизен уцените и сервилниот однос на Заев кон нашиот источен сосед. Па оттука можам да кажам дека како поминуваа деновите оние први бледи критики и обвинувања од страна на Зоран Заев, Бујар Османи, Димитров и останатите кон мене, дека таков договор или анекс на договор не постои, излегоа дека се една обична шарена лага. Нивниот сервилен однос на сметка на достоинството на македонскиот народ, достоинството на македонската нација нема граница, па тие денеска прифаќаат еден таков анекс кон тој договор, кој што Зоран Заев во ова интервју го потврди, истакна Мицкоски.
Тој оцени дека Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство.
-Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени а не биле поробени во Втората светска војна. Загрижен сум затоа што ова интервју може да се толкува и како прв чекор кон откажување на македонското малцинство кое што живее во своите древни огништа кај нашиот источен сосед, а со тоа и поништување, брутално кинење на сите пресуди кои што меѓународни судови до сега ги имаат изречено. Како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено стојат насоките кои што за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед до сега ги игнорира и истите тие не ги применува. Морам да изразам сериозна загриженост за една тенденција за менување на карактер и улогата на македонските херои, што е упад и фалсификат на македонската историја, посочи Мицкоски.
Тој потенцира: „Алармирам сега за да не биде предоцна, алармирам за да не се случи уште едно огромно големо разочарување“.
-Го повикувам македонскиот народ, ги повикувам сите оние кои што се дел од македонската нација не, само во Македонија туку и надвор, будно да го следиме овој процес на преговори кој што го води оваа влада на Зоран Заев, затоа што загрижени сме дека тој може да го начне македонскиот идентитет. Ги предупредувам во Владата на Заев да не си играат да не го начнуваат македонскиот идентитет, бидејќи на тој начин ќе се соочат со сиот гнев на македонскиот народ и македонската нација, не само тука во Македонија, туку било каде во светот. Македонскиот народ го повикувам внимателно да ги следи овие денови кои што се пред нас, внимателно и будно заеднички со ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата да следиме што преговара Зоран Заев и на што се е спремен, а потоа на соодветен начин, ако на било каков начин го навреди македонскиот идентитет да реагираме и да го спречиме. Јас ќе бидам прв во таа борба, порача Мицкоски.